Република Северна Македонија има капацитет и ресурси да ја надмине здравствената, но и економската криза што ја наметна ширењето на коронавирусот“, смета  претседателот на СДСМ Зоран Заев. Тој додава дека земјава засега добро се справува со кризата од ширењето на коронавирусот, за што, како што рече, говори и тоа дека факторот за ширење на заразата се уште е мал.

-Важно е сите да стегнеме заби и да го пребродиме овој период. Треба да знаат граѓаните дека Владата и институциите, сите ние сме свесни, колку е сериозна ситуацијата. Знаеме дека има многу загрижени граѓани да не ги изгубат своите работни места, затоа сега се прават политики да ги задржиме работните места, многу компании да не пропаднат и за тоа водиме грижа. Водиме грижа и за тие што останале без работа или ќе останат без работа, за тие од неформалната економија итн. Колку повеќе бидеме солидарни, водиме грижа еден за друг и ги почитуваме институциите и препораките што стигнуваат од стручните луѓе толку побрзо и полесно ќе преболиме, рече Заев во „Само интервју“ на Канал 5.

Тој вели дека не е исто да дсте Словенија или Германија и посиромашна земја, но додава дека сепак имаме наши ресурси и капацитет кои добро се управуваат.

Лидерот на СДСМ нагласи дека е важно граѓаните да ги почитуваат препораките и институциите, и добро е што граѓаните во поголем дел ги почитуваат овие препораки.

– Светот се води односно се справува со кризата на два методи или начини. Едниот го вика чекан, другиот го вика танцување. Чеканот е употребен во многу малку земји каде што буквално значи комплетно затворање, стопроцентен полициски час, сите дома за кризата да се надмине, ама пак тоа прави невидени штетни последици врз економијата, а 95-96 отсто го користи вториот начин на таканаречено танцување на владите со стопанството, со работниците, со народните банки и сите, се додека се држат на овој танц заедно додека не заврши индикаторот на последиците, а тоа е здравствената состојба или здравствениот дел од кризата, рече Заев во интервјуто.

Додаде дека има еден Р фактор којшто значи влијание на заразувањето, односно ако за неколку седмици еден заразен зарази двајца или тројца тогаш треба да се превагнува кон чеканот, односно да се стега се повеќе со драстични мерки.

-Чеканот значи комплетно затворање, целосен полициски час, комплетно затворање дома и тоа го имаат применето многу малку земји, а над 90 отсто го имаат одбрано танцот, се договараат владите со стопанството, со работниците, со народните банки, се додека не заврши здравствената криза. Тука им  Р фактор односно ширење на заразата. Ако тој Р фактор е поголем тогаш треба да се прибегне кон чеканот. Ние засега, споредено со други земји успешно „танцуваме“ затоа што кај нас Р факторот е се уште низок, ако се зголеми нагло ќе мора да ги стегнеме мерките. Верувам дека благодарение на стручните луѓе на институциите успешно се справуваме со кризата. Драго ми е што луѓето им веруваат на инстутциите и така треба да продолжиме, заклучи Заев.

Тој е уверен дека мерките што се на сила се соодветни на ситуацијата. -Во  СЗО и меѓународно како се прават споредбите, навистина сме добар пример со сите други земји и треба да бидеме горди на тоа заради тоа што одлуките ги носат стручни лица. Кога требаше да одлучиме како да се поставиме, рековме да биде се транспарентно – да се соопштува и доброто и лошото за да може мерките да бидат почитувани од граѓаните. Верувам дека начинот на кој танцуваме и менаџираме е максимално успешен, рече лидерот на СДСМ.

Дека добро се менаџира, со кризата, според него, говори и тоа што многу амбасадори останале тука иако имале можност да заминат во своите матични земји. Тие, рече Заев, велат дека од многу други поразвиени земји подобро се справуваме.