Премиерот Зоран Заев денеска телефонски разговараше со канеларката на Сојузна Република Германија, Ангела Меркел при што бил споделен заедничкиот интерес и истата цел на двете земји за време на германското претседателство со ЕУ, да се одржи првата меѓувладина конференција во декември како почеток на преговорите на Македонија за членство во ЕУ, соопшти владината прес-служба.
Заев изразил благодарност за зголемениот ангажман на германското претседателство со ЕУ, за личното вклучување на министерот за надворешни работи Хајко Маас, на државниот министер за ЕУ Михаил Рот, како и за личниот ангажман на канцеларката Меркел,
Премиерот за време на разговорот истакнал дека СР Германија направила многу за европската иднина на Западен Балкан, вклучително и преку Берлинскиот процес со којшто годинава претседаваат заедно Република Бугарија и Македонија.
-Во телефонскиот разговор меѓу канцеларката Меркел и премиерот Заев беше споделен заедничкиот интерес и истата цел на двете земји за време на германското претседателство со ЕУ, да се одржи првата меѓувладина конференција во декември како почеток на преговорите на С. Македонија за членство во ЕУ. Премиерот Заев истакна дека тоа е шанса која не треба да биде пропуштена и дека интензивниот ангажман на вклучените страни создава можности за остварување на заедничката цел – одржување на меѓувладината конференција за почеток на преговорите, се вели во соопштението од Владата.
Во врска со ситуацијата со КОВИД-19 во нашата земја, премиерот Заев информирал дека сите капацитети на државата се ангажирани во справувањето со пандемијата и се заблагодарил за помошта од СР Германија и од ЕУ, за медицинскиот и заштитен материјал, како и за финансиската поддршка која ја покажува солидарноста на ЕУ со земјите од регионот и со Западен Балкан во целина.