Со Договотот од Преспа и неговото спроведување се отвори патот за подобра иднина на македонските граѓани, за бркање на сеништата од минатото и за Балкан од кој извираат можности и политичка стабилност, кој ќе биде место со поврзани соседи, зона на економски процут и модел за интеграција. Со Договорот, се стави крај на една епизода од незавршениот мир на Балканот, порача денеска македонскиот премиер Зорав Заев.
Со прифаќањето и спроведувањето на одредбите од Договорот од Преспа, рече тој, победници се граѓаните на двете земји, но и од целиот наш регион. Победници се, додаде, и оние кои се противеа договорот, бидејќи и за нив доаѓа време на просперитет, мир и пријателство.
Премиерот Заев му честита на неговиот колега Алексис Ципрас, за како што рече, победничкото гласање во Парламентот за Преспанскиот договор, како и на членовите на парламентите и на двете земји, кои избрале да го дадат совој глас со кој победува иднината и со кој се стави крај на стравот кој се прикажувал како несовладлив.
– Разрешивме спор кој ни го прикажуваа како нерешлив. Јас и мојот пријател Ципрас минатото лето постигнавме Договор. Заедно нашите тимови предводени од министрите за надворешни работи дојдовме до откровение – секоја страна треба да даде нешто за да може секој да добие многу повеќе за возврат од тоа што го дала. Сега имаме верификувано суштинско пријателство. Од денеска тргнуваме со уште поголема сила да ги зближуваме граѓаните и народите на двете земји. Иднината нема веќе да ја гледаме како фатална судбина, туку како заеднички пат поплочен со пријателски намери и вредности кои произлегуваат од заедничкото европско смејство, истакна Заев на почетокот на трибината „Силна економија – шанса за сите“ што се одржува во Велес.
Според него, постигнувањето на договор не било лесно, но беше повеќе од потребно за двете земји и за двата народи. Тоа, рече, беше нужен влог за децата и граѓаните да живеат подобро.
-Храбрите граѓани избраа да ги избркаат сеништата од минатото и на светот да му дадат Балкан од кој извираат можности и политичка стабилност, место со поврзани соседи, зона на економски процут, модел за интеграција. На Европа и на светот им треба стабилност и соработка за решавање на глобалните проблеми што се и наши проблеми, истакна македонскиот премиер.
По ова, додаде, на земјата и останува да работи на унапредување на економијата и обезбедување подобар живот за сите граѓани.