Премиерот Зоран Заев денеска на прес-конференција изјави дека ќе биде внимателен во одговорите на барањата на Бугарија за решавање на прашањето за Гоце Делчев и за јазикот, бидејќи „треба да се постигне решение што ќе носи придобивки на двете страни и ќе биде за добробит на Македонија и на Бугарија“.
-Знаете дека сме фокусирани на можноста за брзо решавање на ова прашање што е исправено пред нас. Секако, гаранцијата на идентитетските прашања се потврдени со Договорот за добрососедство со Бугарија, а тоа е македонскиот јазик и македонскиот народ. Јас верувам дека сите тие документи, коментари кои излегуваат се само желба за решавање на ова четврто историско поглавие или шеста историска личност што може да биде одлична можност да не сплотува, да не зближува, да го јакне пријателството и слично. Ќе бидеме внимателни во коментарите заради тоа што знаеме дека треба да постигнеме решение кое ќе носи придобивки на двете страни и ќе биде за добробит и за позитивни последици за С. Македонија и на Бугарија, изјави Заев на заедничката прес-конференцијата со помошникот државен секретар за енергетика на САД, Францис Фанон во Владата.
Министерот за надворешни работи Бујар Османи следната недела ќе ја посети Бугарија, а тоа ќе биде претходница на посетата на Софија на Заев, до крајот на овој месец или почетокот на ноември.
-Многу брзо се надевам ќе ја оствариме посетата на Софија каде што ќе можеме да разговараме за толку многу заеднички, пред се, економски проекти. Еден од тие е токму ова што денеска зборуваме, конекцијата со гас, со целата можност која што се отвора за унапредување на соработката, но дефинитивно верувам дека сето она кое што претстои пред нас ќе биде уште еден сигнал за позитивната соработка во целиот овој регион, истакна Заев.
Овие историски прашања, според него, треба да се искористат како потенцијал за унапредување на севкупната соработката.
-Се отвораат ваквите убави можности енергетика, национални гасоводи, меѓусебна поврзаност преку гасификацијата, преку енергетските системи од другите видови, унапредување на трговијата, меѓусебните инвестиции во двете држави, и како што реков меѓусебното помагање со ресурсите во заштитните средства за Ковид-19, изјави Заев.
Како што веќе објавивме, вчера во Бугарија, Парламентот донесе одлука дека „24 Мај е Ден на бугарската писменост“, а во ЕУ се води кампања за прогласување за бугарска и на кирилицата.