Претседателот на ЕК Жан Клод Јункер и еврокомесарот Јоханес Хан ни потврдија дека нашата земја е пример за соработка и пријателство во регионот и пошироко и дека другите земји треба да го следат нашиот блескав пример, објави денеска на Фејсбук премиерот Зоран Заев.
– Отворањето на преговорите за нашето пристапување во ЕУ е единствената гаранција за одржување на домашната стабилност и за одржување на реформскиот импулс во С. Македонија, со позитивни ефекти за целиот регион на Западен Балкан, напиша вечерва Заев на својот официјален Твитер профил.
Заев објави:
– Добивме и прецизни домашни задачи и ни беше речено: Испорачајте и ние ќе – испорачаме! Времето го искористивме за да се подготвиме за преговорите за пристапување. Сега, на потег се државите членки и институциите на ЕУ. На потег е Европа да покаже дека стои на зборот, напиша Заев на Твитер по завршувањето на прес-конференцијата со еврокомесарот за проширување Хан и претседателот на ЕК Јункер во Брисел.
Заев вечерва се обрати и преку Фејсбук каде напиша дека Европската комисија во известувањето за изминатиот петгодишен мандат ја смести Македонија и нејзиниот успех, на листата на 20 најголеми достигнувања на Европската Унија во овој период. Тоа, додаде тој, за нас е огромно признание и уште поголем поттик.
– Од претседателот Јункер и комесарот Хан добивме потврда дека нашата земја е пример за соработка и пријателство во регионот и пошироко и дека другите земји треба да го следат нашиот блескав пример, на што јас додадов дека на внатрешен план сме општество што покажува политичка зрелост и европски манири, напиша Заев на својот официјален Фејсбук профил.
Премиерот напиша дека целосно сме подготвени за почеток на преговорите и оти сега на потег се државите членки и институциите на Европската унија.
– На потег е Европа да покаже дека стои на зборот. Тој потег треба да биде јасен и исклучиво врз основа на нашите заслуги, а во интерес на развојот на Унијата и во интерес на перспективите на целиот наш регион. Европа е силна и уникатна бидејќи секогаш знаела да води и внатрешни реформи, и политика на проширување, пишува Заев на Фејсбук.