Во Бугарија пописот заврши со 82 отсто попишани граѓани, а кај нас се попишаа 99 проценти, рече премиерот Зоран Заев, во интервју за ТВ Алсат-М.

Тој истакна дека „успешно завршениот попис е европска лекција за одговорниот пристап на граѓаните кон оваа статистичка операција“ и дека „прифаќањето на резултатите веќе е потврдено со искажувањето волја на огромното мнозинство граѓани да се попишат“.

– Сите граѓани се попишаа. Демократија е, граѓаните го дадоа конечниот збор. Во Бугарија пописот заврши со 82 проценти попишани граѓани, а кај нас се попишаа 99%. Бугарија е европска земја, ние сме земја-кандидат за членство во Европската Унија. Држиме лекција од секој можен аспект, затоа што добро ги поставивме основите, рече Заев.

Тој оцени дека по 30 години, кога цело време се создаваа политички тензии, новата Влада која тој ја предводи „покажа дека води исправни политики, кои носат резултати, а граѓаните умеат да ги препознаат и да ги отфрлат политиките кои се водеа претходните години само заради власт, заради пари и владеење“.

– Суштината е во начинот на градењето на политиките. Еве денеска, имаме успешен попис, завршивме голема работа. Ќе можеме соодветно да планираме во државата. До сега во магла се планираше. Ќе знаеме колку деца живеат во еден регион и ќе инвестираме во градинка, нема да имаме тениски игралишта којшто никој не ги користи, оцени Заев во интервјуто за ТВ Алсат-М.