Како ниту една друга Влада претходно, во последните четири години поведовме иницијативи за заштита на нашите природни убавини и реткости и за одржлив развој на планинскиот туризам, пишува премиерот Зоран Заев на својот фејсбук-профил, во пресрет на одбележувањето на Меѓународниот ден на планината.
– Во годината кога одбележуваме 30 години од нашата независност направивме уште еден значаен придонес за негувањето и за афирмацијата на природните богатства на нашата убава РС Македонија. За Национален парк ја прогласивме нашата природна убавина – Шар Планина, планина со најголем број врвови повисоки од 2.000 метри. Со ова го добивме четвртиот национален парк во државата, прв од прогласувањето на независноста и прв после 60 години, пишува Заев.
Со Националниот парк Шар Планина, тој истакна дека вкупната површина на заштитени подрачја на национално ниво изнесува 13,2 проценти од севкупната територија на Македонија и додава дека е површина и процент на кој можат да позавидат многу европски држави.
– Тоа е резултат на континуираните политики на оваа Влада за заштита на природата, со цел зачувување на уникатните природни вредности, заштита на специфичниот биодиверзитет и пределска разновидност, но и за отворање на нови можности за одржлив развој на локалната економија. Во таа низа се и прогласувањето на дел од Осоговските Планини и Водно за заштитени предели, а наскоро, како континуитет на нашите политики за заштита на природата и животната средина, под посебен режим на заштита ќе биде ставен и дел од Малешевските Планини, најави премиерот.
Заев истакна дека со прогласување на Осоговските Планини за заштитено подрачје, започнат е системски пристап за зачувување на природните ресурси, како и за социјално и економско унапредување и развој на Осоговскиот Регион.
Тој додава дека проектот „Планински велосипедски рај“, патната инфраструктура кон Пониква и реконструкцијата на ски-лифтовите го унапреди туристичкиот потенцијал во тој регион и создадени се услови за развој на авантуристичкиот туризам.
– Планините и шумите и сиот биодиверзитет во нив, се наше природно богатство кое треба да го чуваме и за идните генерации. Наша обврска е да ги заштитиме и да ги чуваме како клучна алка во борбата со последиците од климатските промени, како една од најсериозните закани со кои се соочува светот денес, порача премиерот.