Сто илјади нови работни места во нов цел четиригодишен мандат вети денеска бившиот премиер и лидер на СДСМ Зоран Заев, претставувајќи ја економската програма во пресрет на предвремените парламентарни избори.
Заев најавува поддршка од 600 милиони евра за бизнисот, односно 300 милиони евра поддршка од државата за домашни и странски инвестици и уште 300 милиони европски средства за развој на домашната економија.
Со ова, како што рече, невработеноста која сега изнесува 17,1 ќе ја намалат под осум проценти, односно под 20 проценти кај младите, која во моментот е 35 проценти.
Претседателот на СДСМ истакна дека во новиот мандат ќе продолжи растот на платите, односно просечната плата ќе порасне на 36 илјади денари, а минималната на 18 илјади денари.
Дел од плановите што ги претстави се и за 20 отсто повисоки плати на вработените во образованието и здравството, унапредување на условите за работа во ИТ индустрија во кој сектор ветуваат да го намалат персоналниот данок на нула проценти во 2023 година.
Според Заев, изминатите 2,5 години Владата направила сериозен исчекор на економски план, а политиките што ги спроведувале отвораат простор за уште поголем раст.
– Следуваат четири години мандат за најголем скок на нашата економија, рекордно намалување на невработеноста и рекорден раст на платите. Уште повеќе ги поддржуваме домашните фирми а со членството во НАТО носиме рекорден број странски инвестиции, наведе Заев.