Се дури постои македонскиот јазик ќе постојат и Македонците, се додека постојат Македонците ќе постои и македонскиот јазик, изјави премиерот Зоран Заев во своето поздравно обраќање на вториот ден од Меѓународната научна конференција „Македонскиот јазик – извор на научни истражувања (дома и надвор)”.
– Со години сум покровител на оваа конференција за македонскиот јазик и секогаш е задоволство да се биде тука со вас, дури и во вонредни околности како што е оваа пуста пандемија, рече Заев.
Според Заев, токму ваквите меѓународни конференции испраќаат силна поддршка за негување на нашот македонски јазик.
– Оваа Влада искрено и силно е посветена да го негува и унапредува македонскиот јазик. Нашиот јазик е нашиот идентитет. Токму затоа Владата го прогласи 5 мај за Ден на македонскиот јазик. Македонскиот јазик како рамноправен со сите светски јазици се користи слободно секаде низ целиот свет. Посебноста на македонскиот јазик е впишана во личната карта на нашата држава, изјави Заев.
Тој порача граѓаните да бидат чувари на македонскиот јазик, бидејќи јазикот сме сите ние.