Ако се дозволи опозицијата во Собранието да ги изблокира законите за државните проекти кои што живот значат за граѓаните, тоа се сериозни причини за СДСМ да ги одложиме изборите, а јас не поднесувам оставка, рече денеска премиерот Зоран Заев.
Тој уште вчера најави одложување на предвремените избори на 12 април, како што рече, доколку опозиционата ВМРО-ДПМНЕ продолжи да го блокира донесувањето на закони во Собранието.
И денеска Заев одговарајќи на новинарско прашање дали изборите ќе се одложат, рече дека нема намера да поднесе оставка.
– Јас сум првиот што посакува да ги запазиме сите процедури. Но, ако се дозволи опозицијата во Собранието да ги изблокира законите за реализација на државните проекти кои што живот значат за граѓаните, тоа се сериозни причини за СДСМ да ги одложиме изборите. Јас сум првиот кој го почитува дијалогот, но немам намера да поднесам оставка ако некој ги блокира процесите. Нема да дозволам некој да прави опструкции на некои законски решенија. Правото на дискусија постои, но правото на намерно блокирање на процесите не е дозволиво, рече денеска Заев на почетокот на градежните работи за нова зграда на Одделот за крим-техника во кругот на МВР.
Тој кажа дека в петок на седница на Централниот одбор на СДСМ ќе се одлучи кој ќе биде технички премиер во новата влада. На прашање дали Оливер Спасовски ќе биде нов технички премиер, Заев одговори дека тој е многу соодветно решение, но одлуката ќе ја донесат партиските органи.
Предвремените парламентарни избори партиите ги договорија на лидерска средба кај претседателот Стево Пендаровски на 20 октомври, по недобивањето датум за почеток на преговори со ЕУ.
Заев треба оставка да си даде на 3 јануари, кога ќе се формира новата влада. ВМРО-ДПМНЕ ќе добие министри во Министерството за труд и социјална политика и во МВР. Собранието треба да се распушти 60 дена пред избори односно на 12 февруари.