Експремиерот Зоран Заев, во објава на неговиот профил на Фејсбук, потсети на денешниот ден кога за успешен референдум беше прогласен иако на истиот излегова само околу една третина од граѓаните на Република Македонија со право на глас.
Заев потенцира дека денешниот ден, 30 септември, бил важен во современиот развој на Македонија бидејќи на денешен датум 2018 година, како што пишува тој, „македонските граѓани од сите етникуми во огромен број излегоа да дадат поддршка на историскиот Договор од Преспа, за долготрајно пријателство со соседна Грција“.
– 610.000 граѓани гласаа ‘за’ на референдумот и ја поддржаа каузата Излези за европска Македонија, што е најголемата поддршка дадена при непосредно гласање после независноста. Бројот на гласови ‘за’ е поголем од бројот на гласови на сите победници на сите избори во историјата на државата, пишува Заев.
Осврнувајќи се на опозицијата, која како што вели, го бојкотираше референдумот, граѓаните од мнозинскиот демократски блок излегоа масовно и гласаа за да ја внесат земјата во НАТО.
– Иако опозицијата го бојкотираше референдумот, граѓаните од мнозинскиот демократски блок излеговме масовно, гласавме и потоа заедно со нашите сојузници успеавме да ја внесеме земјата во НАТО, а денес веќе сме во почетната фаза од преговорите со ЕУ. Во меѓувреме, односите со Грција доживеа историски пресврт и денес на наша страна имаме уште еден сосед, силен сојузник од редовите на ЕУ и НАТО. Сега државата е исправена пред нов политички предизвик. Пет години по референдумот за нашиот историски исчекор напред, исправени сме пред нови комплексни предизвици. Нашата влада успеа да најде компромисно решение со Бугарија претставено во европскиот предлог и во нашата преговарачка рамка, а дел од тоа решение содржи и наши обврски за кои е неопходен натпартиски мнозински договор,
вели Заев.
Тој повикува на одговорност и постапки во, како што вели, поволен геополитички момент.
– И кога веќе сите партии демонстрираат одлучност за членство на С. Македонија во ЕУ, време е за нов македонски успех. Во тоа име повикувам на одговорност и на постапки со кои ќе ги обезбедиме сите услови и ќе го искористиме поволниот геополитички момент за наше членство во Унијата најдоцна до 2030 година. #МКвоЕУ“, напиша Заев.
Референдумот формално започна на 29 септември, кога најпрво гласаа болните и изнемоштени лица, затворениците и лицата во домашен притвор, како и дијаспората, а на 30 септември сите други граѓани на Македонија.
На референдумот гласаа 36.91 % од населението, односно 666.743 граѓани, од кои „за“ беа 609.813 граѓани, а „против“ беа 37.700 граѓани. И така референдумот за смена на уставното име на Република Македонија со придавката „северна“ беше политички прогласен за успешен, но не и правно од Државната изборна комисија.