Референдумот е неуспешен, односно, одлуката не е усвоена затоа што не гласале повеќе од половина од граѓаните што се запишани во Избирачкиот список, објави денеска претседателот на ДИК, Оливер Дерковски.

На вчерашниот референдум за промена на името на Република Македонија во Северна гласале 666.743 граѓани или 36,91 од вкупно запишаните 1.806.336 во Избирачкиот список, соопшти денеска ДИК по обработени 100 отсто од избирачките места.

На референдумското прашање „дали сте за членство во ЕУ и НАТО со прифаќање на Договорот помеѓу Република Македонија и Република Грција?“, „за“ гласале 91,46 проценти, или 609.813 граѓани, а „против“ се изјасниле 5,65 отсто или 37.700. Неважечки се 19.221 ливчиња или 2,89 проценти.

Дерковски рече дека согласно утврдените резултати, одлуката не е усвоена зашто не гласале повеќе од половината граѓани запишани во Избирачкиот список.

Извештајот од ДИК ќе биде објавен во Службен весник во рок од 15 дена, а ќе биде доставен до Собранието и објавен на веб страната на Комисијата.

Одговарајќи на новинарски прашања во врска со информации за наводно полнење на гласачки кутии во општина Сарај, Дерковски истакна дека доколку од извештаите што ќе ги добие од општинските изборни комисии се заклучи или има докази за такви случувања на некои избирачки места, ДИК  согласно надлежностите ќе поведе постапка, како што рече, прво за членовите на избирачките органи, а оти постапката ќе зависи од видот на евентуалната повреда.

Фактот што на Избирачкиот список го немало Талат Џафери, според Дерковски се должи на тоа што тој менувал лични документи и не го искористил правото да изврши увид во списокот и да реагира навремено.