Премиерот Зоран Заев денеска го прекина молкот и одговораше на прашањата поврзани со пожарот во модуларната болница во Тетово во кој загинаа 14 лица. Тој рече дека ги почитувал деновите на жалост па затоа се воздржувал од изјави.
За исправноста на објектот во кој беа сместени пациентите рече дека истрагата ќе покаже, а за понудените оставки вели дека ќе ги почека резулалтите од извештјот за кој напомош доаѓаат германски експерти.
Денеска во Скопје почна дводневниот „Македонски енергетски форум 2021: Мапирање на енергетската иднина“ (МЕФ), што ќе биде насочен кон енергетската иднина на регионот и ќе ја мапира енергетската иднина на земјите од Западен Балкан. Заев во поздравното обраќањето на отворањето на форумот истакна дека Македонскиот енергетски форум од иницијатива за зајакнување на дијалогот за теми поврзани со енергетиката со Соединетите Американски Држави прерасна во значаен собир на креаторите на енергетски политики во регионот.
-Верувам дека од годинашниот форум ќе произлезат заклучоци кои ќе дадат придонес за зголемување на инвестициите во енергетиката, рече Заев.
Нагласи дека Владата е насочена кон привлекување на инвеститори во енергетиката и работи на примена на чисти извори на енергија со цел намалување на употребата на јагленот како извор на енергија.
-Токму заради ова донесовме нова легислатива усогласена со ЕУ-директивите нов начин на поддршка на инвестициите во фотонапонски централи и ветерници кој веднаш беше препознаен од страна на домашните и странските инвеститори кои веќе ги завршуваат своите фотонапонски електрани добиени од првите транспарентни и конкурентни постапки за доделување на премиум. Ние сме земја на сонцето кое во минатото не било искористено соодветно. Меѓутоа сега во последните три-четири години во фаза на градба се веќе 60 мегавати на фотонапонски електрани по пат на премиум тарифи и 100 мегавати во „Осломеј“ по пат на јавно приватно партнерство кои ќе го заменат РЕК „Осломеј“…Станува збор за вкупно 170 мегавати електрани на сонце или 10 пати повеќе од 17-те мегавати изградени во претходните 11 години, рече Заев.
Досега, додаде, во севкупните намери за инвестиции и отпочнати од почетоци на разговори имаме покриеност околу 1.500 мегавати фотонапонски централи за коишто интензивно се разговара за дел од нив е готова и документацијата и повеќе од 550 мегавати ветерници во државата. За праведна енергетска транзиција посочи дека очекуваат помош од ЕУ и Енергетската заедница.
-Со помош на Европската делегација во Скопје се работи на дијагноза за праведна транзиција на јаглените региони во С. Македонија која треба да биде од економски и социјален тип која ќе ни го даде патоказот како успешно да ја направиме енергетската транзиција, бидејќи таа нема да биде успешна ако не биде праведна, рече Заев.
Како клучен за енергетската транзиција на земјава го посочи гасниот интерконектор кон Грција кој, како што рече, ќе ја направи земјава и транзитна за природен гас.
-Од голема важност е и интерконекторот помеѓу С. Македонија и Република Грција како клучен енергетски инфраструктурен проект со кој се обезбедува повисока конкурентност во снабдувањето со природен гас. Интерконекторот за природен гас меѓу двете земји, како и надградбата на постојниот нафтовод може да ја направи С. Македонија дистрибутивен центар за висококвалитетни горива на Западен Балкан, истакна Заев.
Американската амбасадорка во земјава Кејт Мари Брнз, посочи дека Амбасадата на САД пред четири години го иницираше првиот МЕФ затоа што ја препозна критичната важност за мапирање на енергетската иднина на регионот.
-Модерниот енергетски сиситем ни овозможи да живееме удобно, но не направивме доволнои да се справиме со негативните последици од користењето на фосилните горива. Загадувањето во Скопје предизвикува значителни здравствени проблеми за граѓаните и треба да преземеме мерки во насока на транзиција на енергетскиот систем, рече Брнз.
Нагласи дека ова лето беше многу топло и имаше голем број температурни рекорди ширум светот, а во некои региони на Кина имаше врнежи колку што паѓаат во текот на цела година. Имаше и огромни пожари во кои изгореа многу хектари шуми.
-Итно треба да се преземат мерки за справување со климатските промени. Треба да го промениме начинот на конзумирање на енергија и тоа е наша улога во транзицијата што претстои, рече Брнз и додаде дека САД го прават својот дел со преземање обврска за намалување на емисијата на стакленички гасови до 55 отсто во 2030 година.
Фокусирани сме, посочи, да им помогнеме на земјите од овој регион за да се чувствуваат енергетски сигурни во нивниот пат за намалување на користењето на јаглеродот.
-Владите ширум Балканот објавуваат планови за финансирање на ОИЕ во наредните шест години и дополнителни инвестиции во преносните капацитети. Ќе ве поддржиме за да можете тоа да го направите, рече Брнз.
Ќе се поддржи енергетската транзиција, прецизира, со фондови за поддршка на зелени проекти.
-Со проактивност и преминување на енергетски ефикасни уреди и подигнување на свесноста за енергетксата ефикасност и зелената енергија, со воведувањето на технологиите за намалување на стакленичките гласови ќе се создадат огромен број на работни места. Животот на нашите деца ќе бие многу побезбеден доколку сега успееме да ги ублажиме климатските промени, потенцира Брнз.
Евроамбасадорот Дејвид Гир рече дека е клучно мапирањето на главните прашања кои се потребни за решавање на прашањата што се поврзани со климатските промени и деградацијата на животната средина.
-Одговорот на ЕУ на ваквите предизвици е таканаречениот Зелен договор, чија цел е за една декада да се постигне намалување на емисиите од 50 проценти. Треба една генерација за да се стигне до нула емисии од јаглерод, а тоа е до 2050 година, рече Гир.
Нагласи дека зелените инвестиции ќе бидат нивната стратегија за спречување на натамошни климатските промени. Посочи дека земјава презеде значителни чекори со усвојувањето на петгодишна програма за имплементирање на стратегија за енергетски развој и интегриран план за енергија кој има за цел намалување на јаглеродот, како и мерки за спроведување на Зелениот договор во Западен Балкан. Прва држава е во регионот, истакна, која почна рудниците да ги заменува со соларна енергија и планира инвестиции во геотермални, хидро и соларни ресурси.
-Диверзификација на обновливите ресурси е многу бита за намалување на загадувањето на воздухот, прашање кое што е горлива тема во државата, а особено во Скопје. Важно е да се направи проценка која ќе покаже дека и природниот гас ќе има многу битна улога во наредниот период имајќи предвид дека С. Македонија вложува многу средства за градење примарна и секундарна мрежа за гас и ќе транзитира гас. Во моментот има итна потреба да се создаде еко систем со кој ќе се обезбедат иницијативи и стимулации за производство и потрошувачка на вакви типови на енергија и да се овозможи до 2025 година 35 отсто од изворите да бидат од ОИЕ, рече Гир.
Нагласи дека треба да се задржат и тарифите за хидропотенцијалите кои не влијаат негативно на животната средина. Потенцира дека ќе се обезбедат билатерални донатори од ЕУ за помош на државата и додаде дека има огромен потенцијал за да се искористи тоа и да се забрза процесот на енергетска транзиција.
Агим Селами, директорот на ЗИП Институтот посочи дека четвртиот енергетски форум ќе биде насочен кон енергетската иднина на регионот и ќе ја мапира енергетската иднина на земјите од Западен Балкан и додаде дека се покажа оти соработката ќе биде главен двигател во иднина.
-Ќе заборуваме за напуштање на јагленот како начин на греење. Знам дека тоа е прилично тешко зашто зависиме од јагленот, но климатските промени влијаат на нашиот секојдневен живот и затоа треба да зборуваме за достапни и чисти извори на енергија. Затоа сакаме да ја зголемиме свесноста на граѓаните за овие прашања, рече Селами.
Како важен ресурс во енергетската транзиција го посочи природниот гас.
На Форумот учествува и министерот за економија Крешник Бектеши, кој ќе биде говорник на панелот насловен „Придонесот на Западен Балкан кон Зелениот договор на Европската Унија“.
Предвидено е на Форумот да се одржат засебни панел-сесии на кои креаторите на политиките, лидерите на енергетските компании и експерти од оваа област од целиот свет ќе дискутираат за важноста на енергетиката, како и за предизвиците на одржливиот развој.
Форумот традиционално се одржува четврта година по ред во организација на ЗИП Институтот, Владата и Амбасадата на САД во земјата.