Премиерот Зоран Заев денеска од Струмица испрати порака за обединување и продолжување на патот напред, посочувајќи дека од исправноста на индивидуалните одлуки зависи иднината на државата. Тој во пораката говори дека „овој народ секогаш носел исправни одлуки“, а една од таквите беше и бојкотот на референдумот за смена на уставното име на Република Македонија, која актуелната власт не ја уважи.

-Ја испраќам пораката на обединување по сите основи и повикувам да продолжиме напред. Заедно ја поставивме државата на правиот пат. И од овој пат, назад нема. Но, мораме да сме свесни за значењето на секоја наша индивидуална одлука. Затоа што, предизвици секогаш има, а од нашата решителност и од исправноста на нашите одлуки зависи и сопствената иднина и иднината на нашите деца и иднината на државата, рече Заев.

Тој посочи дека денешниот датум, 27 април е аларм кон што водат политиките на поделби и политиките на водење сметка само за лични интереси.

-На овој ден си ја спасивме земјата од злите намери на алчноста за власт. На овој ден, во домот на граѓаните ја одбранивме демократијата и застанавме на патот на автократијата. 27 април потсетува и на нашата обврска, да не дозволиме никогаш да се повтори газењето врз човековите права и слободи. 27 април потсетува на нашата одгворност крвта пролеана за да се запре злото, да ја замениме со граѓански глас кој повикува да одиме напред, рече Заев.

Повика дека сега е време кога, вели, секој треба да постапи совесно, за доброто на своите деца и за добрата иднина на родната земја.

-Ова се времиња кога заедништвото и прогресот се единствената опција која и носи добро на нашата земја. Тоа треба да го потврдиме, со изразена силна граѓанска волја и свест дека нашиот единствен пат е напред. Овој народ секогаш носел исправни одлуки. Гласот на граѓаните е вистината. Тој глас е слушнат и е разбран. Сега е потребно секој да ја извади решителноста од себе и да постапи совесно, за доброто на своите деца и за добрата иднина на родната земја, порача премиерот и лидер на СДСМ Зоран Заев.

Премиерот Заев говори за гласот на граѓаните, за демократијата, а еден од примерите каква демократија добивме по 27 април 2017 година, и настаните во Собранието, е и референдумот за смена на уставното име на Република Македонија. Гласот на граѓаните кои го бојкотираа референдумот не беше земен предвид од актуелната владејачка гарнитура. Колку е тоа демократија и колкава демократија уживаме по „соборувањето на режимот“, за кој сака да говори актуелната власт, говорат и притисоците кои се вршеа врз пратеници во Собранието на Република Македонија за да се спроведат одлуките на оваа власт.