Оваа година славиме три годишнини кои силно ја илустрираат современата историја и развој на Северна Македонија: 30 години од прогласувањето независност, 20 години од Охридскиот рамковен договор и 1 година од нашето членство во НАТО. Поубав пресек од тоа каде беше и каде е денеска нашата земја не може да се посака. Има ли нешто поубаво од мозаик? А, македонскиот мозаик сјае со најубавите бои, порача премиерот Зоран Заев во интервју за електронското издание на угледниот словенечки весник „Дело“.
Во интервјуто нагласи дека со Охридскиот рамковен договор во август 2001 година беше ставен крај на конфликтот и беше прифатен како гаранција дека сите прашања од интерес на заедниците во нашата земја ќе се решаваат низ дијалог и низ институциите.
-Државата покажа капацитет да се справи со сериозен предизвик и притоа се потпре на своите партнери од меѓународната заедница. Во моменти кога соживотот и меѓуетничката толеранција беа ставени на тест, покажавме дека сакаме да живееме во заедничката држава и дека можеме да се сложиме да напредуваме сите заедно, посочи Заев во интервјуто за „Дело“.
Охридскиот договор, додаде тој, е одраз на новиот дух на водење политики, политики коишто градат мостови, а не ги рушат, политики коишто ги сплотуваат граѓаните и не ги делат на патот на кој ја обезбедуваме иднината на нашата земја како дом во евроатлантската заедничка куќа со другите народи.
-Нашата определба e да градиме и негуваме општество еднакво за сите, нашата цел e да изградиме граѓанско општество, истовремено со почит кон социјалните, етничките, националните, верските и културните разлики. Токму оваа цел е посебноста и суштината на нашето заедништво. Тоа заедништво што се градеше со векови, за нас претставува обврска за нашата заедничка иднина. Затоа со право се залагаме и велиме дека различностите на нашето општество ги сметаме за наша предност. За наше заедничко богатство и за наша предност, истакнува претседателот на Владата.
Тој го пренесува и искуството на земјата со хибридните кампањи со кои се соочува и истакнува дека тие се придружувани постојано со дезинформации, со ширење говор на омраза, со штети по македонскиот идентитет, со подгревање опасен внатредржавен и меѓудржавен национализам и други облици на хибридни закани против демократијата во нашето општество и во регионот.
-Она што треба да го знаат граѓаните на Словенија, на Северна Македонија и на сите земји во регионот и во светот кои се справуваат со пропагандните лаги, е дека владите кои се противници на лажните вести се оние влади кои се отворени, транспарентни и отчетни, а степенот на отпор на граѓаните кон нападите со дезинформации зависи од нивото на медиумска писменост на населението, вели Заев.
Нагласува дека колку повеќе општеството е поотворено и поотчетно, и колку повеќе се вложува во медиумската писменост, толку побрзо, подобро и поефикасно е справувањето со дезинформаторите.
-Тие што ќе станат противници на транспарентноста и медиумската писменост, тие се сојузници на лагата. Со првите поголеми закани од овој тип се соочивме во еден подолг период кога ги правевме решителните чекори за решавање на спорот за името на нашата држава со Грција, кои ја добија кулминацијата во пресрет на референдумот за промена на името, потенцира претседателот на Владата.
За лустрацијата во нашата земја оценува дека доживеа фарсичен крај и дека беше исполнета со контроверзии и обвинувања за партиска политизација од самиот почеток уште од 2009 година.
-Целиот процес доби негативни оценки и критики од Брисел кога од тогашната власт на ВМРО-ДПМНЕ беше побарано ревизија и укинување на Законот за лустрација и на неговата имплементација, бидејќи, како што беше наведено во извештајот на Европската комисија, како основа за лустрацијата биле користени идеолошки или партиски причини, истакнува Заев во интервјуто за интернет изданието на словенечко „Дело“ кое ќе биде објавено и во печатеното издание на весникот
Дополнува дека потоа следуваше и поништувањето на одлуките на Управниот суд, но дека веќе биле направени сериозни штети за луѓето и за нивната приватност и углед во сериозни димензии.
-Стана сосема јасно дека лустрацијата, односно верификацијата на фактите се претвори во алатка за справување со политичките неистомисленици. Требало од почеток да и дадат наслов – Пресметка, вели Заев за „Дело“ и додава дека и ден денеска многумина од луѓето кои беа изложени на политички пресметки под маската на лустрацијата ја продолжија битката за правда пред македонските судови па и во Стразбур, сѐ додека не добијат сатисфакција заради повреда на нивните човекови права.