Лидерот на СДСМ Зоран Заев преку видео објава ги повика граѓаните в недела да излезат да гласаат, како што вели и „да ја потврдат шансата земјава да продолжи напред и никогаш да не падне под режим“.
Во продолжение го пренесуваме обраќањето на претседателот на СДСМ во целост:
„Во недела гласаме.
Во недела носиме одлука – ќе продолжиме напред со научените лекции или ќе дозволиме со земјата и со градовите да завладејат неизвесност и опасност?
Во недела правиме избор помеѓу искрени политичари, кои не се безгрешни секако, но народни и отворени, или пак, оние другите, политичари без став, со скриени агенди, бранители на криминалот, политичари со кои не знаеш на што си, опасни за државата.
Еве ме пред вас.
Без оправданија, без изговори и без тајни планови. Искрено, бидејќи јас и не можам поинаку. Некои велат дека искреноста била мојата слабост, други ќе се насмеат на некој гаф од јавните настапи, но јас сум тој, Зоран Заев, еден од вас, еден од народот. Па, не си божество ако си премиер.
Заврши времето кога на големците не можеше името да им се спомне. Летаа одмазди и закани на сите страни. Но да знаете, додека сум јас тука – тоа нема да се повтори. Премиерот е и ќе продолжи да биде прв меѓу еднаквите, ништо повеќе. А, таков мора да биде и градоначалникот.
Ете за тоа гласаме во недела. Затоа треба да излеземе сите и да заокружиме какви и кои политичари ќе ги водат градовите, а со тоа и државата. Искрени и приземјени или недопирливи манипулатори?
Многу повеќе грижа и многу повеќе ефикасност во служењето кон граѓаните.
Тоа е промената која ја внесуваме и во централната, и во локалната власт и внатре во СДСМ како партија. Станува збор за сериозна промена во односот и испораката на услуги од страна на институциите, од функционерите и од администрацијата – до вас, граѓаните, до сите вие кои со вашите одлуки го задавате правецот и на општините и на државата.
Вие ни кажавте, јасно и гласно, ние слушнавме, уважуваме и постапуваме. Го забрзуваме државниот апарат за да служи повеќе и подобро на народот. Секој да добие одговор, секој да си заврши работа, на време, квалитетно и со добар однос, бидејќи тоа му следува на секого. Тоа е промената во која се вложивме сите. И за оваа промена стојам пред вас и барам да ја поддржите опцијата која ве слуша и која постапува согласно вашиот глас и став.
Ние движиме напред заедно СО луѓето.
И при тоа даваме помош и поддршка ЗА луѓето.Особено за социјално загрозените, за послабите и беспомошните во општеството. Оваа Влада соработува со бизнисот, но не е другар на олигарсите. Ова е Влада која е партнер, силна поткрепа на обичниот граѓанин. Ги зголемуваме платите со досега невидено темпо од осамостојувањето на државата. И тоа ќе остане главен наш белег: постојаниот раст на платите и пензиите, во секоја година од владеењето. А цената на струјата не мрдна цели четири години. И ќе направиме се, цената ќе остане стабилна. Постојано насочуваме парите кај граѓаните. Од враќање ДДВ преку фискалните до намалување на судски такси и извршителски такси. Ги помогнавме локалните самоуправи и ги извадивме од децениски долгови. Оваа Влада се грижи и ќе продолжи да се грижи за секој еден граѓанин, искрено и доследно!
Каде сакаме да ни оди државата?
Погледнете ги изминатите четири години. Споредете ги со оние 11 пред тоа. И донесете одлука. Дали да талкаме неодлучно, де на исток, де на запад, пола чекор напред, три чекори назад? Дали сакаме несигурност, без стратешки партнери и меѓународни пријателства? Дали сме за нови конфликти, за кавги, за граѓани од прв или втор ред?
Ако го имате одговорот на овие прашања, тогаш носете одлука.
Недела е денот кога треба да го зададеме правецот за општини кои работат за народот, но и за демократска и современа држава, меѓународно етаблирана, партнер со големите сили, за општество во кое доминира грижата за луѓето, за Северна Македонија која оди напред, стабилна, мирна и просперитетна.
Македонски народе, длабоко сум уверен дека модерниот патриотизам во 21 век не значи измислување нови идентитети, градење лажни митови и бели палати. Современиот патриотизам значи поглед напред, јасна визија, одлучност, цврст став, градење мостови, создавање стратешки партнерства и реализирање на сонот на генерациите пред нас.
НАТО е реалност, ЕУ интеграцијата ни е на дофат ако останеме на прогресивниот автопат кој води до демократски и европски стандарди и вредности. Македонскиот идентитет е признаен, верификуван и бетониран како никогаш претходно.
Бадијала ве плашат! Клучните историски факти за македонската нација нема да бидат предмет на политичка ревизија. Нацијата никогаш не ни била поцврста и попризната. Ние бараме и наоѓаме решенија на децениските проблеми, но на принципиелна основа и согласно европските фундаментални принципи. Нашето право на самоопределување никој не може и не смее да го оспорува.
Затоа, бидете горди Македонци, имате добри сограѓани, ваши, наши, другари и браќа Албанци, Турци, Срби, Роми, Бошњаци, Власи и сите други. Ова е моментот кога треба да се обединиме и да погледнеме напред, заради сегашните и генерациите кои доаѓаат.
Народе мој, почитувани сограѓани, видовте како работи Влада која не ги дели луѓето.
Конечно, после 20 години, прашањата од Охридскиот договор се целосно спроведени. Нема веќе изговори. Доста беше “повеќе за оваа страна, помалку за другата страна”. Се гради секаде, силно, од двете страни на Вардар. А над Вардар градиме мостови, ваши, наши, на сите, заеднички. Нема повеќе злоупотреба на етничките односи заради дневна партиска политика.
Сега ни останува само едно: заеднички да работиме за децата да ни останат овде, да живеат овде и да работат и просперираат тука, во својата земја. Тоа значи да се обединиме и заедно да сработиме за повеќе работни места, за почиста животна средина, за квалитетни услуги за секој човек, за повеќе пари во секое семејство. За подобар живот.
Почитувани граѓани!
Излезете и гласајте, остварете го своето право.
Излезете и потврдете ја шансата за нашата земја да продолжи да се нормализира, да се стабилизира и никогаш повеќе да не падне под режим! Никако назад.
Заокружете го бројот 12! Изберете го најдоброто за вас, за вашата општина, за вашето место и за нашата заедничка татковина. Само така ќе го останеме на вистинскиот, стратешки колосек! Ваша е одлуката. Во недела, гласајте за број 12“.