Од први јануари минималната плата ќе биде 18.000 денари или 300 евра, вети денеска на партиски митинг претседателот на СДСМ и премиер, Зоран Заев.

– Согласно економските движења и растот на економијата, од први јануари минималната плата ќе биде 18.000 денари или триста евра. Тоа е логична претпоставка имајќи предвид дека растат платите во сите сектори, дека расте просечната плата во континуитет. Државниот завод за статистика објави дека просечната плата за август оваа година изнесува 28.642 денари, што е за четири отсто повисока од истиот месец од претходната година. Тоа е правецот во кој треба да се движи нашата земја, нашата економија и нашето општество, истакна Заев во Кочани.

Заев додаде дека Кочани и општината ќе се развиваат и напредуваат само со градоначалникот Николчо Илијев, со СДСМ и Коалицијата.

Познато е дека Заев воопшто не „штеди“ на покачување на плати пред избори. Така и дојде на власт, со просечна плата од 500 евра, која не е постигната ни во вториот мандат што го троши актуелната власт на Заев.