Првата фаза од пописот се одвива тековно, согласно со пропишаните безбедносни протоколи и според властите и надлежните институции, нема причина тој да се одложи. Постои интерес кај нашето нерезидентно население да се самопопише.
Според објавата на веб страницата на Државниот завод за статистика, заклучно со вчера во 8 часот, преку апликацијата за самопопишување се евидентирани 25.878 лица.
Премиерот Зоран Заев не гледа причина да се одложи спроведувањето на пописот, бидејќи, како што изјави, тој се организира по сите протоколи за заштита. Резултатите од овој попис, според него, се исклучително важни за економската иднина на државата, и затоа тој треба да се спроведе.
-Веројатно некои земји може да си дозволат да одложат, но тие имаат направено пописи пред десеттина години, а ние немаме попис речиси дваесет години. Немањето податоци носи неправди, носи нерамноправност кај граѓаните и нееднаквост, а институциите на локално и централно ниво ги става во положба да работат во магла, во непознато, така што пописот треба да се спроведе од 1 до 21 април со резидентите. Тој е веќе почнат со попишување на дијаспората. Враќање нема, треба сите да преземеме одговорост и да учествуваме во оваа статистичка операција која е најпотребна за развој на економските мерки перспективи и иднина на државата, рече вчера премиерот Заев.
Директорот на Државниот завод за статистика Апостол Симовски оцени дека во овие моменти има услови да се спроведе пописот на терен, но секој поединец мора да ги почитува безбедносните протоколи.
– Комисијата за заразни болести апсолутно ја следи состојбата на дневна основа. Ако ситуацијата дојде таква да спроведувањето на пописот биде нецилисходно и Комисијата препорача одлагање, ние апсолутно ќе го почитуваме тоа. Нема да дозволиме никој да биде ставен во опсност и да бидеме причина за ширење на вирусот, истакна Симовски, одговарајќи на новинарско прашање по неговата средба со министерот за надворешни работи Бујар Османи и претставници на трите најголеми верски заедници во земјава.
Во однос на изборот за попишувачи, Симовски изјави дека на првиот конкурс во 15-16 региони не се пријавиле доволен број попишувачи, поради што е објавен дополнителен конкурс што треба да заврши во недела.
Шефот на дипломатијата Османи пак истакна дека според информациите кои ги имаат, пописот се одвива тековно и има заинтересираност кај нашето нерезидентно население да се самопопишува. Во првите неколку дена над 25 000 лица се самопопишале, додаде Османи и рече дека очекува процесот да продолжи со уште поголема динамика откако на вчерашната средба од лидерите на трите најголеми верски заедници во државава, добил силна поддршка за статистичката операција.
-Сметавме дека верските заедници може да одиграат важна улога во овој процес, прво затоа што покрај нашата дипломатско – конзуларна мрежа која е максимално ангажирана во информирање на нашата дијаспора за овој процес, за техничките аспекти на процесот на самопопишување, верските заедници имаат широка мрежа на распространетост или покривање и тие се присутни на сите континенти. Нашата дијаспора во значителен број е организирана и од верски организации…Денеска од тројцата лидери на верските заедници добивме силна поддршка на овој процес со силни пораки кои ќе ги пратат преку својата мрежа до верниците, до иселениците за потребата од самопопишување како најдобриот начин за добивање точни податоци за нашите граѓани таму,.. Имаме историска шанса да добиеме јасна слика колку не има во светот и како тоа да го ставиме во функција на понатамошен развој на државата, но и да им помогнеме на ислениците во нивните секојдневни животи, додаде Османи по средбата на која покрај директорот на ДЗС Симовски присуствуваше и директорот на Агенцијата за иселеништво, Слободан Близнаковски.
Со првата фаза на пописот што стартуваше на почетокот на месецов покрај самопопсшувањето на лицата кои престојуваат во странство, се опфатени и казнено –поправните установи, бездомните лица, лицата ангажирани во Армијата на Северна Македонија, дипломатско- конзуларни претставништва и претставници во меѓународните институции.Пописот на населението, домаќинствата и становите 2021 треба да се спроведе од 1 до 21 април, годинава.