Дефицитот на вакцини против Ковид-19 во светот е основната причина зошто се уште немаме вакцини. Среќни сме што српскиот народ веќе со недели ја прима вакцината и што сподели од својата вакцина со македонскиот народ, порача премиерот Зоран Заев при примопредавањето на српската донација на вакцините на „Фајзер“ на граничниот премин Прешево-Табановце.
-Ние сме горди што сме членка на НАТО, но исто така сме свесни за недостатокот на вакцини во светот. Ние сме мала земја заедно со сите земји од Западен Балкан направивме напори и имавме склучено договор со „Фајзер“ и со „Синофарм“ од Кина. При крајот на неделата очекуваме да стигнат вакцините од Кина во нашата земја, рече Заев во одговор на прашање.
Српскиот претседател Александар Вучиќ, кој лично му ја предаде првата пратка од вакцините, посочи дека е особено горд што Србија е воено неутрална и додаде дека разговарале за проблемот со вакцините со премиерот Заев и сакале да помогнат.
-Во Србија веќе имаат пристигнато речиси два милиони вакцини, утре ни доаѓаат уште 41000 фајзерови вакцини, а за неколку дена очекуваме да дојдат и првите 150 илјади од вакцината на Астра Зенека. За тоа беа неопходни преговори кои траеја со месеци и не беше лесно. Подготвени сме да им помогнеме и на другите во регионот рече, Вучиќ.
Нагласи дека Србија има одлични односи со земјава и додаде дека сметал оти им била должност да ни помогнат во имунизацијата против Ковид-19.
-Му го честитам на братскиот македонски народ почетокот на имунизацијата и им посакувам добро здравје на сите граѓани, рече Вучиќ.