Зоран Заев на денешната трибина „На прав пат„ во Штип истакна дека очекува пред 15 октомври да заврши истрагата со обвинителен акт за случајот „Рекет“.
– Пред 15-ти завршуваат 90 дена од истрагата, по што очекувам да биде завршена со обвинителен акт и граѓаните да ги знаат сите вистини. Тоа ќе го охрабри правосудството и понатаму да одлучува исклучиво и по Устав и по закон и по сопствено убедување и затоа што ветивме правна држава, владеење на правото. Право еднакво за сите, еднакви граѓани пред правниот систем, вели Заев.
Тој забележа дека за разлика од опозицијата, којашто би го прикрила овој случај, власта предводена од СДСМ го пријавува случајот и тоа лично премиерот. Заев порача дека правната држава значи и економски раст, инвестиции, но и мотивација младите да останат во земјата.