Премиерот Зоран Заев очекува на денешните средби во Рим со италијанскиот премиер Џузепе Конте и во Брисел со високата претставничка за надворешна и безбедносна политика на ЕУ Федерика Могерини, да добие информации и детали за тоа што се планира во ЕУ во однос на проширувањето и новата методологија што ја предлага Франција.
– Очекувам да добијам информации од прва рака од една од влијателните земји членки на ЕУ, Италија. Ќе разговараме со премиерот Конте на таа тема. Знаеме дека се планира состанок на Советот за општи работи на ЕУ (ГАК) за крајот на ноември. Средбата е добра можност да ги добиеме деталите за идните планови во ЕУ, но и да разговараме за билатералната соработка со Италија, изјави Заев по денешната посета на Клиниката за гастроентерохепатологија.
Заев по посетата на Рим доцна попладне ќе замине во Брисел на прошталната работна вечера на високата претставничка за надворешна и безбедносна политика на ЕУ Федерика Могерини со лидерите на земјите од Западен Балкан. Очекува и на таа средба до добие доплнителни информации кои се плановите, дали ќе има нова методологија за проширувањето и дали веќе се се работи на тоа.
– За нас како земја алтернативи не се прифатливи, освен целосно приклучување во ЕУ. Подготвени сме да влеземе во тој процес и да го завршиме низ нови методологии и нови фер шанси што ќе се дадат. Верувам дека и ЕУ и пријателска Франција ќе осознаат дека нема алтернатива за Западен Балкан и РС Македонија освен полноправото членство во ЕУ, истакна премиерот Заев.