Никој не се запрашува колку ги користиме домашните ресурси, што се нашите ресурси, дали се максимално искористени, изјави премиерот Зоран Заев.

Тој синоќа беше гостин во емисијата „Економски магазин“ на ТВ Алсат-М, каде го отвори и прашањето на декриминализација на марихуаната, како една од темите за кои повика на дебата во јавноста.

– Владата отвори дебата и со Коморите, отвори и на седница на Влада, разговаравме за ставање на сѐ во погон, треба сѐ да искористиме. Ние сме земја која помина низ транзиција, претпоставката е дека има најмалку милијарда и петстотини евра коишто се надвор од тековите. Ќе ги пуштиме во погон или нема да ги пуштиме? Земјоделското земјиште сѐ уште е државно. Легализиравме земјоделското земјиште да може да го земат оранжериите, да го видиме другото. Ако станат сопственици граѓаните, компаниите, тие ќе можат да повлечат повеќе кредити за својот организационен тим, рече Зев.

Премиерот кажа дека отвара дебата покрај државното земјиште и за легализација на парите кои не се во тековите во државата, за што рече дека сака да го слушне општеството како размислува на овие теми, бидејќи како што кажа, сега е време за храбри чекори.

– Дебата отварам за државното земјиште! Дебата отварам за легализирање на парите коишто се надвор од тековите, освен оние коишто се криминални и за коишто има процеси! Отварам дебата! Сите странски коли во државата, сите се надвор од текот, не плаќаат регистрација. Го имаме и угостителството. Зошто кај нас е толку мало учеството на угостителството во бруто домашниот производ, а во европските земји учествуваат многу повеќе?- запраша Заев.

И додаде „да ја отвориме дебатата и ќе видиме!

– Дали ќе правиме нешто со декриминализација на марихуаната? Ги нафрлам како теми. Ние немаме став, ние сакаме да го слушнеме општеството, да ги пуштиме во оптек сите наши ресурси, затоа што реков неповторлив е периодов, Европа е тука, еве определени се милијарди за регионот, сѐ вредеше ова целото, создадовме одлични околности, рече Заев.