Комуникацијата на релација Скопје – Софија се интензивира во пресрет на Самитот на ЕУ на 22 јуни на кој македонската страна се надева на поддршка од Бугарија за следниот чекор во процесот на евроинтеграциите – одржување на првата меѓувладина конференција со ЕУ односно официјален старт на пристапните преговори.
Премиерот Зоран Заев на новинарско прашање за односите со Бугарија и дали има некакво раздвижување, посочи дека комуникации постојат со Софија, а првата средба се очекува следната недела на граничниот премин по повод донација на вакцини за Ковид – 19.
-Јас денеска ќе се слушнам со претседателот, којшто денеска попладнево се враќа, и ќе можам да поразговарам за самите детали, затоа што нашиот министер за надворешни работи Бујар Османи веќе стапи во контакт со министерот за надворешни работи на Бугарија. Пред два дена се слушнав со премиерот на Бугарија, Стефан Јанев и договоривме следни комуникации. Овие денови како што објави претседателот на Бугарија сепак тие го прават гестот на пријателство, очекуваме следната недела да направиме прва средба на граничниот премин, барем како што е најавено, рече вчера премиерот Заев
Тој додаде дека кабинетите се уште договараат, на крајот, вели, ќе видиме дали ќе се потврди од двете страни за да преку Црвениот крст на Бугарија и на Македонија се донираат 50 илајди вакцини и на самата средба верува, дека ќе договорат следна средба со неговиот бугарски колега, како и средба на министрите за надворешни работи, за да работат на деталите на решението.
-Конекциите постојат. Секако, уште еднаш нашата замолница и целиот наш фокус е кон Бугарија со сите нивни институции, пред се претседателот на Бугарија господинот Радев, но и премиерот Стефан Јанев, но и министерот за надворешни работи, Парламентот и сите институции се надеваме дека навистина во јуни ќе дадат поддршка да го направиме следниот чекор во интегративните процеси на Македонија, рече премиерот Заев по презентацијата на Интервентниот план за инвестиции ИПИ 2021-2027 во Владата.
Шефот на диполоматијата Бујар Османи пак повтори дека останува на ставот дека во наредниот период, јуни ја дава најдобрата шанса за почеток на преговорите, и оти пред тоа остануваат уште две недели за да се надминат разликите со Софија.
-Има сериозен ангажаман на Португалското претседателство, знаете и со конкретниот предлог којшто ние го проценивме како добра основа за надминување на разликите. Сметаме дека португалскиот предлог ги адресира сензитивностите на трите страни, нашата страна, бугарската страна и на земјите членки коишто очекуваат дека преговарачкиот процес нема да биде контаминиран со билатерални прашања и дека тоа може да биде добра основа за надминување на разликите, истакна министерот за надворешни работи при посетата на Општина Тетово.
Тој наведе дека продолжуваат со враќањето на довербата со Бугарија и оти постои еден конструктивен однос, конструктивна реторика меѓу нас и бугарската Влада.
-Овие контакти коишто се случија, се важни во враќањето на таа дверба и очекувам таа комуникација да се интензивира во наредниот период. Да се обидеме да ги адресираме сензитивностите и на бугарската страна, меѓутоа се разбира запазувајќи ги и нашите сензитивности во однос на прашањето, потенцираше Османи.
На новинарско прашање тој истакна дека државниот врв интензивно се координира за именување на нов амбасадор во Софија, при крај се со консултации на ниво на трите инстутуции – претседател, премиер и Министерство за надворешни работи, со цел, вели, да определиме кандидат кој соодветно ќе одговори на мисијата.
Поранешниот дописник на Бугарското национално радио (БНР) во Скопје, Мартин Минков, во коментар за надворешно-политичката емисија „Сабота 150“ на програмата „Хоризонт“ на Националното радио, оценува дека претседателите на Бугарија и Македонија Румен Радев и Стево Пендаровски дадоа знак дека може да се води нормален дијалог со европски пристап – без ултиматуми, но со разумни аргументи да се отвори патот за расчистување на проблемите натрупани во текот на минатата година.
Како што јави дописникот на МИА од Софија, сепак, Минков смета дека тоа не може да се случи пред 22 јуни, кога е закажан Самитот на лидерите на ЕУ. Тој потсети на изјавата дадена од привремениот премиер и министер за надворешни работи на Бугарија дека позицијата на Бугарија е утврдена со Декларацијата усвоена со консензус од Националното собрание и не може да се очекува промена, барем за време на привремената Влада. Според Минков, позицијата на Бугарија е принципиелна, но треба да биде пофлексибилна, што не значи дека треба да подлегне на притисокот.