Полицајците се нашите заштитници, нашите чувари на граѓаните, нивните права и безбедност. Во период кога се справуваме со сериозна закана од глобалната пандемија, полицајците беа во првите редови во борбата против коронавирусот, напиша лидерот на СДСМ Зоран Заев на својот Фејсбук профил честитајќи го Денот на полицијата – 7 Мај.

– Македонските полицајци покажаа висок степен на подготвеност, професионалност и пожртвуваност во заштита на јавниот ред и мир, посветеност во спроведувањето на мерките и спречување на заразата од коронавирусот. Со тоа, и полицајците даваат свој значаен придонес во заштита на јавното здравје, напиша Заев.

Натаму наведува дека во изминатите години преку процес на реформи и професионализација, полицијата ја врати довербата и угледот кај граѓаните.

– Денес таа е вистински сервис на граѓаните, нивен заштитник и предводник во обезбедувањето на безбедноста и стабилноста на целото општество. Ви благодариме!, напиша Заев по повод Денот на полицијата.