Премиерот Зоран Заев денеска на неговиот официјален Фејсбук профил со пораката „Време е“ ги повика сите пратеници да ја преземат својата историска должност во однос на стратешките приоритети на земјата – членството во НАТО и ЕУ.
– Сите пратеници имаат историска должност пред граѓаните да го обезбедат патот на Македонија кон стабилност и економски просперитет. Тоа е патот кон НАТО и ЕУ кој води преку македонско-грчкиот договор, пишува на Фејсбук статусот на премиерот Заев.
Владата вчера го достави до Собранието Предлогот за пристапување кон измена на Уставот на Република Македонија со насока за негово изменување и дополнување што е обврска од Договорот од Преспа.
Како и секогаш досега, во пораката за смена на Уставот и името на државата, во обланда се завиткува суштината, и никаде не се спомнува името Северна, која треба како придавка да биде насекаде во името. Но, за да не боди очи, наместо Северна, секаде се пишува со еуфемизмот „европска“ или „историски договор со Грција“.