Водечката светска компанија во автомобилскиот  сектор, американската „Дура Аутомотив Системс“ ќе реализира нови инвестиции во земјава со отворање две фабрики во ТИРЗ Скопје 2, соопшти денеска на прес-конференција премиерот во заминување, Зоран Заев.

– Во двете фабрики со најнова технологија ќе се произведуваат компоненти за потребите на најголемите светски автомобилски компании, нагласи Заев, додавајќи дека со ови инвестиции „Дура Аутомотив Системс“ ќе има три свои погони во земјава.

Во првата фабрика, „Дура Аутомотив Стракшан“ ќе произведува нов тип рамки за литиумски батерии со голем капацитет за електрични возила. Фабриката ќе биде со површина од 25.000 квадратни метри и се очекува да почне да работи во првиот квартал на 2021 година. Петгодишниот инвестициски циклус на оваа фабрика ќе изнесува 48 милиони евра и ќе вработува 780 лица.

Втората фабрика, на „Дура Аутомотив Екстружанс“, ќе биде за производство на алуминиумски ултра лесни профили за батериски системи за електромобили. Погонот ќе биде со површина од 10.000 квадратни метри и исто така треба да почне со производство во првиот квартал на 2021 година. Петгодишниот инвестициски циклус на оваа фабрика ќе биде 20 милиони евра и ќе има 200 вработени.

Премиерот потенцира дека заедно со првата, во трите фабрики, ќе бидат вработени над 1.000 наши сограѓани, кои ќе станат дел од глобалниот систем на „Дура Аутомотив Системс“.

Ако се навратиме малку наназад ќе се потсетиме дека Заев најавуваше големи проекти и дека во Македонија доаѓаат светски компании од автомобилската индустрија, информатичката технологија и други, проекти кои до денес не се реализираа и останаа како големи ветувања.

Реакција на новата инвестиција на Заев и Анѓушев стигна и од опозицијата:

– И тоа дочекавме. Заев се фали со странска компанија која банкротирала пред еден месец. Она што зачудува е фактот што Зоран Заев и Кочо Анѓушев промовира инвестиции на компанијата Дура аутомотив системс за која реномираниот Вол стрит џурнал на почетокот на ноември пишуваше дека веќе банкротирала. Дали Зоран Заев и Анѓушев свесно во пресрет на изборите ги лажат граѓаните дека донеле инвестиција на компанија која и самата има сериозни финансиски проблеми и е во банкрот, прашуваат од ВМРО-ДПМНЕ.