Прилеп, прв во земјава доби еколошки и поевтин градски превоз. Со 60 милиона денари (околу еден милион евра) од локалниот буџет, градот набави четири нови автобуски за градскиот превоз на метан, што беа пуштени денеска, во присуство на премиерот Зоран Заев.
Според прилепскиот градоначалник Илија Јованоски, автобусите не само што ќе обезбедат еколошки градски преоз, туку и двојно поевтин и ќе се грижи, главно за здравјето на граѓаните.
– Првпат не само во Прилеп, туку и во нашава држава, воведуваме автобуси во градскиот превоз на метан. Тие се современи, со највисоки стандарди „Еуро 6“ како што прилега на модерно општество кон кое сите се стремиме. Овие нови четири автобуси се еколошки, ќе користат метан кој не само што е во прилог на екологијата но е двојно поевтин од нафтата. На пример, ако автобусите на нафта дневно трошат околу 100 евра, овие автобуси на метан ќе трошат околу 40 евра дневно. Автобусите се набавени со средства од локалниот буџет. Зедовме четири, а плативме само еден и во наредните три години ќе се отплаќатт другите три автобуси. И тоа без кредит, без камата и без дополнителни трошоци, рече Јовановски.
Премиерот Зоран Заев потенцираше дека се радува на, како што вели, овој голем еколошки зафат на Прилеп со којшто воедно се испорачува и порака за еколошка заштрита на сите градови.
-Овие четири нови автобуси ќе го направат Прилеп многу поеколошки град, особено што со тоа го штитиме здравјето на граѓаните. Оваа сериозна и важна инвестиција на Прилеп покрај тоа што овозможува еколошки транспорт на граѓаните од една на друга дестинација, ја испраќа пораката до сите нас во целава држава за еколошките вредности и за важноста за здравјето на граѓаните на што треба сите ние да бидеме посветени, рече Заев.
Набавката е полезна и за финасиското заздравување на локалното Јавно претпријатие за просторно и урбанистичко планирање. Драстично се намалуваат трошоците, смета Марија Цветаноска, в.д директор на ЈП за просторно и урбанистичко планирање.
– Прилепчани конечно добиваат градски превоз каков што заслужуваат: редовен, конфорен, навремен, а со ова се надеваме дека конечно јавното претпријатие ќе излезе од лошата финансиска состојба во која се наоѓа долго време. Наскоро воведуваме и нова, четврта линија во градскиот превоз во населбата Вишне по барање на граѓаните, рече Цветаноска.
Како што најави премиерот Заев во нарендиот период ќе се реализираат големи проекти од областа на екологијата. Напреднува, потенцираше, гасификацијата во Пелагонискиот регион, а Владата развива и други еколошки проекти.
– Гасификацијата веќе стаса до Новаци, Битолско, преку Прилеп. Верувам дека следните проекти ќе бидат во инвестирање на гасоводната мрежа која дополнително ќе придонесе за еколошките вредности на Прилеп. И за прилепчани е битно домовите да бидат конектирани на гасоводната мрежа, како и за фабриките кои треба да бидат зошто се големи придобивките, рече Заев.
Владата веќе ја подготвува програмата за супституција во неколку градови што ќе почне уште пред грејната сезона. Ќе се врши замена на грејните тела на фосилни горива со високовредносните системи за еколошко греење и ладење што се развива како огромен проект. – Покрај приклучоците на гасификацијата, кон крајот на септември и почетокот на октомври почнуваме со чистење на топлификација, со чистење на згурите што останаа од Југохром, ќе се развиваат огромни проекти од еколошката средина во сите градови, најави Заев.
Еден од четирите автобуси кој чини околу 250 илјади евра е на фотографијата што ја објавуваме, со скала пред него, за кој деновиве се тврдеше дека доживеал дефект уште на пробното возење, а од општината тврдеа дека тоа не е точно.