Премиерот Зоран Заев денеска преку видео обраќање го честиташе Меѓународниот ден на ромскиот јазик, 5 ноември.

Тој ги посочи како два клучни момента признавањето на важноста на ромскиот јазик и поддршката на Ромите во нивната социјална инклузија и учество во развојот на нашата  заедница, како и издавањето 1.000 примероци на македонско – ромски речник и 800 примероци на Граматиката на современиот ромски јазик од авторот Латиф Демиртоа во 2019 и почетокот на 2020 година.

-Славењето на толеранцијата и почитувањето и поттикнувањето на културната разноличност, за нас во РС Македонија претставува признавање и почитување на разноличностите во нашата држава низ историјата до денес, и во иднина. Кога УНЕСКО го прогласи 5 ноември како Светски ден на ромскиот јазик во 2015 година, ни даде уште една причина повеќе да ги славиме и чуваме ромскиот јазик и култура, за да ја препознаеме важноста и еднаквоста на сите јазици. Ромскиот јазик е официјален јазик на сите Роми во светот, збогатен со историски процеси на миграции и широк спектар на влијанија. Признавањето на важноста на ромскиот јазик, во исто време, треба да биде дел од пошироките напори и акции за спречување на сите форми на дискриминација, како и за поддршка на Ромите во нивната социјална инклузија и учество во развојот на нашата  заедница, наведе Заев во обраќањето.

Според него, во одбележувањето на Светскиот ден на ромскиот јазик, сите застануваме со ромскиот народ и ја славиме културата на Ромите како дел од богатството на целото човештво.

 

-Клучна улога во овие процеси има образованието за да обезбеди можности за учење на историјата и културата на различностите во сопственото и во другите општества. Во таа насока е и публикувањето на Граматиката на современиот ромски јазик која има за цел да придонесе и во стандардизацијата на литературниот ромски јазик. Припадниците на Ромската заедница од РС Македонија имаа пресудна улога во официјализирањето на ромскиот јазик во мапата на јазиците на народите на светот со иницијативата и со делото на професорот Јусуф Шаип. Тој го посвети целиот живот на стандардизација на ромскиот јазик и за негово вклучување во образованието, рече премиерот.

Тој потсети дека , во духот на зачувување на ромскиот јазик, со финансиска поддршка на Владата во 2019 и почетокот на 2020 година се издадени 1.000 примероци на македонско – ромски речник и 800 примероци на Граматиката на современиот ромски јазик од авторот Латиф Демир. Македонско-ромскиот речник содржи повеќе од 10.000 зборови.

-Денес, кога го одбележуваме славењето на ромскиот јазик на тоа треба да гледаме и како потреба и да се креираат позитивни приказни за едно инклузивно општество еднакво за сите и за иднината“, порача премиерот Зоран Заев.