Премиерот Зоран Заев утрово изјави дека ја потпишал оставката, по што се очекува претседателот на Собранието да свика пленарна седница на која ќе биде констатирана оставката.
– Веројатно во моментот се поднесува. Утрово во 8.30 владата работи. Јас бев на работа, ја потпишав оставката, согласно договорот и согласно Законот за Влада. Верувам дека многу набрзо ќе стигне во Собранието за да може да почне процедурата во текот на денот за избор на преодната Влада, рече Заев гостувајќи во емисијата „Утрински брифинг“ на Слободна ТВ.
Тој очекува целата постапка да помине без проблеми, потсетувајќи дека праксата за формирање преодна влада е воспоставена уште во 2016 година на барање на СДСМ кои тогаш беа опозиција.
– Би требало да помине глатко и би требало нормално, ако сме нормална земја сепак заедничка влада се бира. Уште еднаш да напомнам оваа пракса на влада беше воспоставена 2016 на наше барање. Во моментот кога се преговараше за Преспанскиот договор беше побарано тоа од опозицијата и чесно и достоинствено е да се даде нешто што сте го барале токму и вие. Јас верувам дека на тој начин се задоволува право на опозицијата да биде контролор, но секако да си презеде и своја одговорност, нагласи Заев.
По констатирањето на оставката, претседателот на Собранието го известува претседателот на државата Стево Пендаровски, кој треба да му даде мандат на министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, кој од највисоките партиски тела на СДСМ беше предлогот за технички премиер, а за кого има согласност и од страна на опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Спасовски потоа треба да ја предложи новата влада, а Парламентот да ја изгласа и тој владин состав ќе управува со земјава во периодот до изборите и формирањето на новата влада.