Зоран Заев на денешната прес конференција го презентираше четвртиот пакет економски мерки.
Тој порача дека една одмерите во овој пакет се платежните картички за граѓаните.
„Платежните картички се со износ од 6.000 денари и ќе добијат 5.726 самохрани родители, пензионери со пензии до 15.000 денари, односно 182.271 наш сограѓанин пензионери, невработени кои се пасивни баратели на работа, односно 85.108 граѓани, самостојните уметници, филмските работници, културните работници, естрадни работници“, посочи Заев.
Тој додава дека платежните картички купувам домашно ќе добијат уште 540 студенти кои во претходниот пакет не ги добиле овие картички.
„Поддршка за студентски и ученички стандард од 44 милиони денари за 2020 година добиваат 884 студенти и 347 ученици“, посочи Заев.
Тој порача дека помош ќе добијат и оние граѓани кои се над 64 години, а немаат пензија и се со приходи помали од 15.000 денари или воопшто немаат приходи.
Оваа мерка опфаќа над 280.000 лица, а нејзината вредност изнесува 27,6 милиони евра.
Освен мерката со платежни картички Заев, според извештајпт на МИА, го промовираше и следното:
Четвртиот пакет, кој има вкупно 31 мерка, е директна поддршка за економската и социјална сигурност на нашите граѓани и поттикнување на приватната потрошувачка, Ги имаме предвид сите дејности, сите компании, а нашето внимание е насочено кон поддршка на работните места, на ранливите категории, невработените… Новиот пакет е продолжение на претходните три пакета, а целта е да се обезбеди одржливост на македонските економски дејности и работните места, рече премиерот.
Прва мерка е продолжување на поддршката за исплата на плата во последните три месеци. Како што рече таа ќе биде скалеста и ќе зависи од падот на приходот кај компаниите. Колку е поголем падот на приходите толку ќе биде поголема поддршката која ќе се движи од 14.500 денари до 21.776 денари. Со оваа мерка ќе бидат поддржани 250000 работни места, а вредноста е 70 милиони евра.
Втората мерка е платежна картичка за поголема потрошувачка во износ од 6.000 денари, а ќе ја добијат 5726 самохрани родители 182271 пензионер со пензии до 15.000 денари, 85108 пасивни баратели на работа, 520 самостојни уметници.., рече Заев, додавајќи дека ќе ја добијат и оние граѓани над 64 години кои немаат пензија, а се со приходи пониски од 15.000 денари или воопшто немаат приходи. Оваа мерка е наменета за 280000 граѓани кои ќе бидат поддржани со 27,6 милиони евра, а платежни картички „Купувам домашно“ ќе добијат уште 540 студенти, кои во претходниот пакет не ги добија овие картички, а поддршка за ученички и студентски стандард од 44 милиони денари за 2020 година добиваат 884 студенти и 347 ученици.
Како трета мерка, додаде, е зголемувањето на грејс периодот кај бескаматните кредити од КОВИД-1.-Со оваа мерка, преку Развојната банка на Република Северна Македонија, на постоечките корисници на кредитни линии од оваа банка, ќе им бидат обезбедени дополнителни 3 месеци грејс период пред да започнат со исплата на ануитетите од земените кредити, рече Заев.
Со четвртата мерка од новиот пакет, посочи, се обезбедени нови 100 милиони евра поволни кредити од Развојната банка на Република Северна Македонија.
-Овие поволни кредити од Развојната банка на Република Северна Македонија се обезбедени преку Европската инвестициона банка и ќе бидат пласирани во јануари 2021, преку деловните банки за поддршка на домашните компании, со исклучително ниска камата, прецизира премеирот.
Петтата мерка е поддршка со плати за туристичките водичи.
-На 150 регистрирани туристички водичи за месеците октомври, ноември и декември, ќе им биде исплатена минимална бруто плата во висина 21.776 денари, истакна Заев.
За поддршка на секторот туризам, како еден од најпогодените од кризата, ја определивме шестата мерка – Поврат на туристичката такса за 2019 година.
-На 4.740 субјекти кои организирале ноќевања во 2019 година, ќе им бидат вратени 2 милиони евра, колку што изнесува вкупниот износ на туристичката такса инкасирана во таа година, посочи премеирот.
Семата мерка е Грантови за туристички агенции.
-Корисници на оваа мерка ќе бидат 500 туристички агенции, а нејзината вкупна вредност изнесува 1,9 милиони евра за грантови од 3.000 до 7.000 евра за сите туристички агенции во зависност од бројот на вработени и од вкупниот промет во 2019 година, и во зависност од тоа дали се носители на А или Б лиценца, рече Заев.
Осмата мерка формирана низ процесот на консултации со стопанските комори е Намалување и/или укинување на парафискалните давачки
-Многу бргу, повторно во соработка со стопанските комори, ќе следува утврдување на листа од приоритетни парафискални давачки, како што се надоместоци, такси, дозволи, лиценци, плаќања за издвојување средства по разни основи и нивно тековно намалување и/или укинување на некои од нив, најави Заев.
Мерката број девет, додаде, е Грантови за ресторани за свадби преку која поддршка ќе добијат сите регистрирани и лиценцирани субјекти за оваа дејност, во вкупна вредност од 1 милион евра.
-Грантовите одделно се во висина од 3.000 до 10.000 евра, во зависност од остварениот промет во 2019 година. Овде ја отвораме опцијата за регистрација на таквата дејност затоа што еден дел од овие дејности се регистрирани за организирање свадби, а еден само за достава на храна,истакна премиерот.
Со овој пакет е опфатена и десеттата мерка – Продолжување на лиценците за работа на дискотеките, ноќните клубови како и за компаниите од транспортната заедница.
-Согласно регистрацијата за работа, на околу 120 дискотеки и ноќни клубови, како и на околу 7000 транспортери, ќе им се продолжи лиценцата за работа и во 2021 со 0 денари надомест, со тоа што транспортерите ќе добијат ослободување плус уште за една година во зависност од тоа кога им истекува лиценцата што ја добиле, рече Заев.
Како 11 мерка се Грантови за игротеки за деца.
-За околу 1.000 игротеки ќе се обезбедат грантови во висина од 1.000 до 5.000 евра во зависност од остварениот промет во 2019 година, а целата вредност на оваа мерка изнесува 2,5 милиони евра, посочи Заев.
Дванаесеттата мерка се ооднесува за занаетчиите за кои исто така е обезбедена поддршка.
-Со неа се предвидува намалување на ДДВ-то на нивните услуги и производи од 18% на 5% за да ја зајакнеме нивната конкурентност на пазарот. На самостојните вршители на дејности, односно на занаетчиите, им остануваат на располагање и другите мерки, како оние за поддршка за исплата на платите или пристапот до поволните кредити од Развојната банка на Северна Македонија, прецизира Заев.
Тринаесетта мерка од четвртиот пакет е мерката – Државна кредитна гаранција.
-Со оваа мерка државата става на располагање 10 милиони евра финансиски средства за поддршка на компаниите за полесен пристап до евтини финансиски средства, преку преземање на дел од кредитниот ризик. Со државната гаранција од 10 милиони евра на стопанството ќе му бидат на располагање кредити со вредност од 65 милиони евра, истакна Заев.
Мерката – Државна царинска гаранција е 14-та.
-Оваа мерка има за цел да им обезбеди поголем извоз на компаниите и полесен пристап до суровини.
Со 3 милиони државна гаранција за обезбедување на царинскиот долг го поддржуваме извозот и увозот и го олеснуваме пристапот на суровини за преработка на македонските компании во износ од околу 25 милиони евра, преку Развојната банка на Северна Македонија, посочи Заев.
Како 15 мерка за олеснување на работењето на компаниите е – Дополнително одложување на отплата на кредити за компании, до крајот на годината, а 16 мерката за Намалување на казнената камата за јавни давачки за половина од 0,03% на 0,015% до крајот на годината.Седумнаесетта е мерката – Одложување на плаќање на аконтација на данокот на добивка.
-Таа предвидува одложување на плаќањето на аконтациите на данокот на добивка до март 2021 година за компании кои имаат пад на приходи поголем од 40%. Како 18-та мерка е продолжувањето на мерката Ослободување од ДДВ за донации од јавен карактер, за уште 12 месеци, прецизира Заев.
Една од новите мерки, 19-та по ред е – Намалување на стапката за ДДВ за ресторански услуги и служење на храна и пијалаци, со која, истакна премиерот, овие услуги ќе се даночат со нова повластена стапка на ДДВ од 10% наместо сегашната редовна стапка од 18%.
-Целта на оваа мерка е намалување на сивата економија, пониски цени за граѓаните, како и поголема ликвидност на услужниот сектор за храна и пијалаци. За оваа мерка се потребни законски измени и таа ќе започне со имплементација од 1 јануари наредната година, рече Заев.
За да ги олесниме финансиските обврски на компаниите ја носиме 20-тата мерка – Одложено плаќање на ДДВ-то. Со оваа мерка, прецизира, ќе биде дозволено одложено плаќање на ДДВ, седум дена по поднесување на ДДВ пријавата, без камата.
Една од мерките на овој пакет број 4 за справување со последиците од КОВИД-19, 21 по ред е – Бришењето на условот за собирање поени од Континуирано професионално усовршување (КПУ) за продолжување на лиценца за сметководители.
-Корисници на оваа мерка се 9.360 регистрирани сметководители, за кои во 2020 година нема да важи условот за собирање поени од Континуирано професионално усовршување за продолжување на лиценцата сметководителите, рече Заев.
Во овие мерки, како 22-ра, е вклучено и Зголемување на периодот за покривање на загуби на терет на идни добивки.
-Со оваа мерка ќе се укине обврската од Законот за данокот на добивка за покривање на загубите на терет на идни добивки. Воедно, со предложените измени, ќе се продолжи рокот за пренесување на загуби на терет до пет години, наместо сегашното законско решение кое утврдува пренесување на загубата до три години. Оваа мерка стартува оваа година и важи за 2020 и 2021 година, посочи Заев.
Следната 23 мерка која е од сферата на даночната политика е мерката – Зголемување на прагот со кој субјектите би биле дел од режимот на неоданочување со данок на добивка и зголемување на прагот со кој субјектите би влегле во режимот на вкупен приход.
-Со оваа мерка се предвидува прагот да биде поставен на 5 милиони денари на годишно ниво, согласно кој може да се стане даночен обврзник во режимот на неоданочување. Исто така, мерката предвидува да се зголеми прагот со кој компаниите би биле дел од режимот на вкупен приход, односно правните лица кои имаат вкупен приход помеѓу 5.000.001 денар и 10 милиони денари, да може да одберат дали да плаќаат данок на добивка или да преминат во режим на данок на вкупен приход од 1%. Со оваа мерка ќе се ослободат околу 1,15 милиони евра кои компаниите можат да ги пренаменат за инвестиции или за други развојни бизнис планови, потенцира Заев.
Во овој пакет, додаде, е вклучена и 24-тата мерка – Признавање на трошокот за приватно здравствено осигурување како признаен расход, како и мерката 25 – Признавање на расходите за тестирање од КОВИД – 19, исто така како признаен расход.
-Со мерката 26 – Намалување на увозни давачки за суровини и репроматеријали, се обезбедува поддршка за најпогодените преработувачки индустрии, како и поттик за развој на преработувачките капацитети.
Со оваа мерка, покрај сите автономни мерки за суровини утврдени на 24 декември 2019, се вклучува и намалувањето на увозните давачки за природен гас со конечна цел не само економски, туку и еколошки ефект, рече Заев.
За мерката 27 – Поддршка за развој на човечкиот капитал, потенцира, во овој пакет е предвидено ослободување од данок на добивка и данок на личен доход за трошоци за вработени кои се однесуваат на доквалификација и тим билдинг.
-Ќе се укине данокот на личен доход за трошоци кон вработени кои се однесуваат за обука, квалификации, добивање лиценци, со што ќе се овозможи подобрување на квалитетот на работната сила со која располагаат компаниите, но истовремено ќе се пропише и законски лимит за овие трошоци, на пример една просечна плата на годишно ниво. Оваа мерка ќе започне да се имплементира од 1 јануари наредната година, истакна Заев.
Со мерката 28 – Поддршка на откуп на грозје од реколта 2020 година, за која се предвидени 6.700.000 евра, како што рече, ќе се поддржат производители на винско грозје кои го предале своето грозје кај регистрирани винарски визби, како и винарски визби за транспортните трошоци при извоз.
-Секој извозник ќе добие субвенција според количината извезено вино, која ќе се исплаќа скалесто во зависност од количината на извезено вино, рече Заев.
За секторот игри на среќа е предвидена 29-тата мерка – Ослободување во висина на 2/3 од законски пропишаниот износ за приредувачи на игри на среќа.
-Со оваа мерка приредувачите на игри на среќа, казината, ќе плаќаат 1/3 од надоместоците за AR (ауто-рулет) маси и други маси, појаснипремиерот.
За да го олесниме работењето на општините во време на КОВИД-19, истакна, ја определивме 30-тата мерка – Промена на пресметка на основата за финансирање на Единиците на локалната самоуправа, со која при издвојување на средства за единиците на локална самоуправа, наместо само за претходната година како до сега, во предвид ќе биде земена пресметката на просечна наплата на ДДВ за претходните три години.
Како 31-ва во овој пакет мерки, потенцира, ќе го спроведеме Викендот без ДДВ.
-Оваа мерка предвидува да опфати повеќе од 350.000 граѓани, корисници на апликацијата „МојДДВ“, кои за време на продолжениот викенд на 10-11-12 октомври ќе можат да купат домашни производи и услуги или компјутери и друга ИТ опрема во вредност од најмногу 30.000 денари, во рок од неколку дена ќе го добијат назад на своите сметки целиот ДДВ. Со ова мерка се проектира да се направи промет од 170 милиони евра, пари кои ќе бидат инекција за стопанството, а кон граѓаните ќе бидат вратени околу 17 милиони евра, од повратот на ДДВ, нагласи премиерот Заев.
Вредноста на четвртиот пакет економски мерки, потенцира, изнесува 470 милиони евра и заедно со вкупната вредност на претходните три пакети од 550 милиони евра, тоа значи дека 1 милијарда и 20 милиони евра се насочени повторно кон граѓаните и стопанството за да обезбедиме стабилна одржливост на економијата со потенцијал за ревитализација.
-Како и досега, креирањето на мерките од овој пакет беше направено максимално транспарентно и во целосно инклузивен процес во кој учествуваа стопанските комори, синдикалните организации и организациите на работодавачи со цел да бидат опфатени максималниот број на граѓани засегнати од кризата. Владата нема да запре тука со посветеноста во постојано дефинирање нови идеи и нови мерки за граѓаните. Најавувам дека веќе сме во процес на дефинирање нови интервенции за директна помош на различни целни групи во различни дејности. Постојано правиме пресметки и во периодот којшто следува ќе имаме нови вести за економски мерки – ова е кризна економија и постојано ќе бидеме на готовс да помагаме на граѓаните, вети Заев.