РС Македонија е правна држава во која законите важат за сите подеднакво, а правдата ќе го стигне и бегалецот од правдата (Никола) Груевски, вели премиерот Зоран Заев во интервјуто за МИА.
Заев натаму додава:
– Одговорност мора да има и ќе има, за секоj што ги прекршил законите без разлика на неговата сегашна или мината функција, без разлика на неговата партиска припадност. Предметите на СЈО не се во најава, туку сега, после изгласаниот Закон за јавно обвинителство и после одлуката на Уставниот суд предметите подигнати и водени од СЈО добиваат институционална и законска рамка за правна разрешница, низ ефикасни, транспарентни и законски судски рочишта. Токму повлекувањето на аболицијата и нејзината уставност, беше сламката на спас на обвинети, но и осудени лица од предмети на СЈО. Со носењето на Законот за Јавно обвинителство, за кој ВМРО-ДПМНЕ правеше се за да не се донесе, предметите на СЈО сега се во надлежност на Јавното обвинителство на Република Северна Македонија. Време е за ред, правда и дисциплина на сите нивоа. Време е надлежните институции, судовите, обвинителствата да се водат по законите и да испорачаат правда за сите отворени предмети, особено за оние кои се однесуваат на висока корупција и политички криминал, вели Заев.