Зоран Заев за МИА откри дека попладнево на маргините на самитот на НАТО се сретна со американскиот претседател, Џозеф Бајден, за кого ова беше прва лидерска средба во Алијансата откако стапи на оваа функција. Зоран Заев го поканил Бајден во Македонија, јави дописничката на МИА од Брисел.
Во интервју за МИА, кое ќе биде објавен во целост утре, премиерот Заев откри дека остварил куса но значајна средба со новиот американски претседател од кого добил охрабрувачки пораки, и најава за посета на Западен Балкан.
Се видов и со претседателот Бајден, имавме прилика да поразговараме, разговорите беа прво за нашата енергетска поврзаност, којашто ја правиме заедно преку проектот Александрополи, тоа е американско-грчки-македонски проект, но поразговаравме и за неговата посета на Западен Балкан. Ја искористив приликата да го поканам, секако тој позитивно искоментира, кажувајќи ми дека го знае Западен Балкан, работел за Западен Балкан, ја има целата поддршка на Соединетите Американски Држави и секако во неговата агенда ќе планира некоја посета. Позитивно беше што беше информиран веднаш и веднаш честиташе за нашето членство во НАТО.
Навистина разговорот беше пријатен како земји стратешки партнери во делокругот на вредностите, на демократијата, на напредувањето на сето она што значи квалитетен живот овде во Македонија. Затоа што навистина Америка тоа го правела сите овие 30 години независност во нашата поддршка, а за мене и за нашиот народ е важно да продолжи таа поддршка. Драго ми е што имавме прилика со него да поразговараме на вака значајни теми коишто се преокупација и на Америка и на Европа, иако не сме членка на ЕУ, верувам дека подеднакво гледаат на сите нас, впрочем тоа и го покажа тоа низ разговорите претседателот Бајден, изјави Заев за МИА.