Денеска ја поднесов оставката од функцијата Претседател на Владата на РС Македонија до Претседателот на Собранието, Талат Џафери. Демократијата значи и одговорност, објави досегашниот премиер Зоран Заев.

– Со мојата оставка, преземам одговорност и оставам пример за граѓанската должност на идните лидери, но и давам уште еден придонес во јакнење на демократскиот капацитет на државата. Ми беше огромна чест што можев да служам и што ја имав довербата на мнозинството од народот во изминатите четири години. Сакам да им се заблагодарам на пратениците во Собранието, овој и претходниот состав, на членовите на двата состави на Владата за време на моите мандати и на граѓаните на нашата држава. Посакувам благосостојба и просперитет на сите наши граѓани, на сите заедници, на целиот наш народ, објави Заев на својот официјален профил на Фејсбук.

Заев зад себе остава два крупни проекти: укинатата радиодифузна такса и укинатото уставно име на Република Македонија.

Сега може да евоцираме спомени за неговата македонска жичка, за железните опинци, метлата, просечната плата од 500 евра, за „телефонските разговори“ со Порошенко, па со Грета Тунберг, за одликувањата од принцови итн.

Заев ни остави премногу спомени за долго сеќавање и на Јелена од некој од Милановците, дали беше Горни или Долни веќе не е важно, и нека не се потенцира тоа да не се налути таа од Дојран…

Заев само уште еднаш потврди дека животот пишува и премиерски прикаски, додека траат драмите што народот ги доживува и кога мнозинството бојкотира референдум.

Збогум Заев! И нека ти се рамни, како полето во Муртино, сите струмички ридишта по кои сега на раат ќе го јаваш четирициклот.

(Д.Г.)