Исполнувањето на договорот е обврска на двете страни и верувам дека ќе продолжиме да изнаоѓаме решенија со пријателска Бугарија, вели премиерот Зоран Заев, во коментар на поддршката од Бугарија за старт на преговорите за членство во Европската унија со држвава, но со одредени услови.
Тој очекува Бугарија да биде еден од погласните поддржувачи за одлуката за датум за преговори со Европската Унија и верува во решение за сите прашања низ билатералниот дијалог и градење на пријателството. За деновиве најави средба со неговиот бугарски колега Бојко Борисов, како и состанок со Мешовитата македонско бугарска експертска комисија, којашто ќе одржи состанок во прсрет на седницата на Советот на ЕУ за кога се очекува одлука за старт на преговори за членство со нашата држава.
-Во постојани контакти сме со Бугарија, ја поздравувам одлуката да се даде поддршка односно очекувам од Бугарија да биде еден од најгласните поддржувачи на добивањето датум за почеток на преговори. Нормално е очекувањето дека договорите треба да се исполнуваат и јас сум среќен што постигнавме договор за добрососедство, тоа е голема работа и важен исчекор за двете земји. Исполнувањето на договорот е обврска на двете страни и верувам дека ќе продолжиме да изнаоѓаме решенија со пријателска Бугарија, наведе Заев.
Тој укажа дека со постигнатиот договор се заокружени шест историски личности и четири поглавја работи што се реализирале за две години. Верува дека ќе продолжат и понатаму да наоѓаат решенија низ билатералниот дијалог со пријателска Бугарија.
– Република Бугарија дефинитивно има интерес ние да чекориме и кон НАТО и кон ЕУ, тоа е интерес и на народот во Бугарија, и верувам дека ќе се движат токму во тој правец. Овие денови јас ќе имам контакти со многу политичари и со мојот пријател Бојко Борисов. Нашите министри се во постојана комуникација. Очекувам најмалку да бидат еден од погласните поддржувачи за одлуката за датум за преговори, потенцира Заев.
Верувам, вели, дека низ реализација на договорите ќе може да се гради пријателството.
– Да оставиме, да не навлегуваме длабински во коментарите затоа што сепак одлуките се уште не се донесени. За мене како политичар, знаејќи го сензитивниот Балкан, апсолутно ми е јасна дебатата што се случува и во Бугарија и во Северна Македонија за актуелно прашање за револуционерот Гоце Делчев, кој секако Бугарија го смета исто така за свој. Верувам дека се можни решенија за сите овие прашања. Уште во понеделник имам состанок со Комисијата која на 15 месецов има средба. Продолжуваме и понатаму со средбите да ги наоѓаме решенијата. Во најмала рака треба да бидеме со окото на пријателството едни кон други заради тоа што си требаме. Да наоѓаме решенија и да го отвараме патот за младите, децата и идните генерации, рече Заев.