Премиерот Зоран Заев вечерва имаше „камерен настап“ и во Ресен, пред „мала одбрана публика“, колку за еден пристоен состанок на куќен совет во стамбена зграда.
Тој на трибината повторно ја повика опозициската ВМРО – ДПМНЕ и тие што се уште не одлучиле да излезат на 30 септември да го поддржат референдумот за влез на Македонија во Европската унија и НАТО.
Вообичаено, ниту еднаш, не спомна дека референдумот е за смена на името во Северна, а цело време, како и на сите настапи досега, на Заев и на останатите од кампањата, повикува на референдум за „европска Македонија“!
– Ако сте за ЕУ и НАТО излезете на референдумот, придружете се. Ние може да не се согласуваме на економски план, на планот на реформите, транспарентноста, корупцијата и криминалот, но должност ни е да застанеме заедно зад Република Македонија, затоа што тоа е наша татковинска обрвска на сите, рече Заев пред ресенчани.
Тој ги повика сите граѓани да гласаат за европска Македонија, подвлекувајќи дека пред нас е сериозна одговорност и треба да донесеме вистински одлуки.
– На 30 септември да станеме и да излеземе на гласачките места да изгласаме „за“ европска Македонија, да се вратиме дома, да знаеме дека сме донеле вистинска одлука за нашите деца, за нашата иднина, за Република Македонија, рече Заев.
Повикот е да станат граѓаните да излезат „за европска Македонија“, а кога ќе се вратат дома да сфатат дека гласале „за Северна Македонија“!
Говорејќи за договорот од Преспа, Заев рече дека тој е постигнат на „најтранспарентен начин“ и оти се „направени компромиси со грчката страна, но придобивките се огромни“. Придобивките за Македонија или за Грција?
Шлаг на тортата од уште еден „камерен настап“, овојпат во Ресен, беше обраќањето со стихови и рими пред малкуте ресенчани:
– Референдумот не е борба за власт, туку борба за севкупен раст. Раст на економијата, квалитетот на образованието, здравството, туризамот, земјоделството, како и раст на среќата во очите на нашите граѓани, подвлече Заев.
Тој најави дека овој месец во Преспа ќе почне голем проект за соработка на општините во Македонија, Албанија и Грција.