Претседателот на Владата Зоран Заев по средбата со координативното тело за помирување и интеграција во Собранието изјави дека е постигната согласност за процесот на помирување и за изготвување законско решение.
Покажавме политичка волја, рече Заев, дека сме подготвени за еден ваков чекор, посочувајќи дека мора да се направи дистинкција помеѓу оние кои учествувале во настаните од 27 април.
– Да оставиме сега на правните тимови кои под раководство на овие посебни групи ќе ги направат следните чекори. Ние денеска изразивме политичка волја. Со моето гостување на самата група јас ја потврдив мојата лична волја и волјата како премиер, рече Заев и изрази убедување дека во натамошната постапка ќе се дознаат сите стручни аспекти на механизмите како да се направи помирување во државата, а истовремено како да се постават и другите апсекти на целите на интерпарламентарната група.
Премиерот кажа дека волја и желба постојат, но дека црвените линии не смеат да се поминуваат, што е многу важно за да не ни падне, како што рече, на памет да влијаеме врз правосудниот систем.
Потсети дека реформите и независноста на судството се многу важен императив во евроинтеграциските процеси за влез во НАТО и во ЕУ.
Не навлегувајќи во деталите од разговорите на средбата, Заев кажа дека треба да се разграничи што е насилство, а што не е насилство, што е тоа насилство, а што е физичко насилство, што е тоа реализација и осмислување и што е тоа некој да учествува во толпата, да биде заведен или понесен.
– Сите може да се согласиме дека терористичко загрозување на уставниот поредок не е нешто кое треба да ги опфати сите и не навлегувам подетално само кажувам како пример дека имаме потреба да направиме јасна дистинкција и разграничување. Секако, пораката на помирување и подадена рака мора да постои, но и пораката на неповторување на вакви работи исто така мора да постои, рече Заев.
Заев изјави дека очекува да бидат запазени роковите за уставните измени и целиот процес да заврши до средината на јануари, а во финалната фаза да биде поддржан од дополнителен број пратеници во Собранието.
– Нацрт амандманите беа јавно објавени и беа дадени одредени сугестии, што помагаат многу и на Владата како овластен предлагач. Во следната фаза верувам дека постои можност и многу други пратеници да ги поддржат конечните амандмани, затоа што некои најавија дека еден дел од тоа е прифатливо. Грција нема проблем со тоа што се сугерира, барем во еден дел. Тука имаме една кохезивна алатка, но и процесот на помирување е сериозен кохезивен фактор, како и спроведувањето на реформите, изјави Заев одговорајќи на новинарско прашање по состанокот со членовите на Координативното тело за помирување.
Заев очекува по уставните измени во Македонија, Договорот од Преспа да биде ратификуван и во Грција и да почне да се спроведува според договорените рокови во интерес на двете земји.