Назначувањето амбасадори на дел од испразнетите места се уште е во фаза на разговори меѓу Министерството за надворешни работи, претседателот и другите важни чинители во државните институции, изјави денеска премиерот Зоран Заев, одговарајќи на новинарско прашање во врска со тоа дали неговиот советник за надворешна политика Дане Талески ќе биде новиот амбасадор во мисијата во НАТО.
Тој не сакаше да изнесува имиња, но истакна дека очекува следната недела да добие информации од надлежните институции за одредени имиња.
-Не сакам однапред да шпекулирам со имиња, затоа што споменувате мој советник во Владата за надворешна политика, кој работи на НАТО и ЕУ агендата, на Договорите со Бугарија и Грција. Не знам дали сака, дали не сака, дали прифатил или не прифатил, дали е разговарано. Би избрзал ако соопштам какво било име, навремено ќе ги соопштиме одлуките кога ќе бидат донесени, рече премиерот на увид во отпочнување на градежните работи на патот од Бутел до Љуботен.
Талески се споменува како можен кандидат за амбасадор во мисијата во НАТО, а премиерот вчера од собраниската говорница одговарајќи на пратеничко прашање не сакаше да говори за имиња за можните кандидати на амбасадорските позиции во Вашингтон, во мисијата на Алијансата, Тел Авив и Софија, но потенцира дека НАТО во моментов е приоритет.