Владата и Министерството за образование го следат процесот и одлуките се насочени кон тоа како да се доопремат училиштата и учениците во насока на реформата за прво и четврто одделение, одговори премиерот Зоран Заев на прашање за состојбата во која родители се уште купуваат фотокопирани скрипти за своите деца ученици во четврто одделение.
-Децата се најважни посебно учениците, тука ќе посветиме и ресурси и капацитетност и слично. Сакаме да ги научиме да трагаат по интернетот, да видат што во суштина и пракса значи тоа го учат. Како изгледа од сите можни агли и аспекти затоа што навистина учебникот е само едно од помагалата да се научи областа, темата, проблематиката, пред се зборувам четвртото одделение. Ваквиот модернистички начин по кој што светот веќе години и децении работи, треба нашите децата да го фатат чекорот со останатите дечиња, изјави Заев.
Според него, ова е почеток на реформата и во иднина ќе биде променета оваа состојба.
-Секако до тогаш ќе има учебници, скрипти, се што им е како помагало додека тоа не го доопремиме. Но верувајте кога ги пробивате првите стапки во снегот за нешто ново секогаш треба сите позитивно да бидеме посветени за да прво, не трпат децата, сите да добијат шанса за еднакво образование, а државата никако да не штеди ресурси, да го овозможи токму тоа, изјави премиерот Зоран Заев од тетовското село Теново, каде беше дел од акција за пошумување.