Не се одлучивме да делиме по 500 денари пред избори, пред локални и претседателски, туку за стабилизирање на фондот и поврзување со раст на економија. Во 2020 ќе има огромно покачување на пензиите и тоа без да биде загрозена иднината на пензионерите, вети денеска во Штип премиерот Зоран Заев.
Тој на денешната граѓанска трибина во Штип, во рамките на кампањата „На прав пат“, одговарајќи на прашање на локален жител, нагласи дека следната година пензионерите ќе добијат „огромно“ зголемување на пензиите и дека тоа ќе биде на основа на економскиот раст.
– Не може да се расфрламе со парите само затоа што доаѓаат избори, прво политика е да го стабилизираме пензиснкиот фонд. Растеа издатоците по два, три, четири милијарди денари од буџетот кај ПИОМ, а немаше за брани, за школи, за здравство цело време. Сега има законски механизми и со раст на економијата така ќе растат пензиите. Штом ќе се направат анализите на здрава основа ќе има зголемување и тоа такво покачување како што досега не е видено и тоа во апсолутни бројки, рече Заев.
Тоа ќе следува на ист начин како кога беше донесена одлука за зголемување на пензиите на почетокот на оваа година врз основа на минатогодишниот раст.
Заев вети дека следната година ќе има и по 100.000 денари плата за специјалистите и 500 евра просечна плата.