Премиерот и лидер на СДСМ Зоран Заев денеска изјави дека верува оти по понеделничката средба со претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, договорена синоќа, ќе соопштат дека е најдено решение помеѓу големите политички субјекти за Изборниот законик, и воведувањето на отисок на прстот или фингерпринтот на следните избори.
Најави и можен договор за вакцинирање на попишувачите, но претходно во консултација со Комисијата за заразни болести.
-Верувам дека Собранието многу брзо ќе го стави на дневен ред за да го решиме тоа прашање затоа што имаме уште за работа во Изборниот законик, а тоа е да ги вградиме препораките на ОБСЕ/ОДИХР, а и да ги определиме изборните модели. Се залагаме за отворени листи за претстојните локални избори каде што граѓаните ќе може да го изберат советникот од листата на советници од секоја политичка партија. Би требало да ја отвориме и конечно да ја затвориме успешно демократизацијата на државата преку новиот модел на гласање за парламентарни избори кога и тие да се случат, рече Заев.
Негова заложба, како што кажа, е тоа да бидат редовните избори 2024 преку една изборна единица којашто ќе им даде можност и на малите политички партии да бидат посоодветно застапени во Парламентот, а ќе ја демократизира и постапката со диверзификација на повеќе претставници во македонскиот Парламент.
-Така што имаме многу што да разговараме, но секако најважно е да седнеме низ дијалог да изнаоѓаме решенија затоа што постоиме да им служиме на граѓаните, рече Заев.
Во својата изјава дадена на настан во Делчево, премиерот рече дека без разлика на која функција и да биде, тој би сакал опозицијата и владејачките партии да соработуваат и оти верува дека така преку заедништвото двојно или тројно ќе се зголеми успехот на државата. Од тој аспект ја прифатил и поканата на претседателот на најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ Мицкоски и договориле да се видат во понеделник во 13 часот во Клуб на пратеници.
-Секако ќе разговараме за одблокирање на сите оние блокирани постапки коишто вчера дадоа сигнал дека можеме да ги решаваме, како што беше веднаш прифаќањето од страна на претседателот на Собранието и на парламентарното мнозинство предлогот на опозицијата да се стави приоритет – гласањето на законите коишто значат помош и поддршка за населението, за ранливите категории на граѓани, за работните места, за компаниите итн. Веројатно тоа треба да ни биде охрабрување да се најде решение за сите други прашања коишто за жал се блокирани во Собранието, рече Заев.
Притоа наброја економските проекти, едниот за енергетска ефикасност значи промена на фасада, системи на греење, прозорци и врати, нови подови и комплетно енергетско ефикасно организирање на детски градинки, болници и здравствени институции низ државата, а блокирани се и проектот од 50 милиони евра за зголемување и јакнење на продуктивноста на земјоделството со отворањето на трите големи откупни пунктови, трамвајот на тркала за Скопје, четирите закони од областа на енергетиката, Клиничкиот центар проект вреден 500 милиони евра и многу други проекти.
За најавата за бојкотирање на пописот и неотворање врата на попишувачите, премиерот смета дека тоа се само поединци и уште еднаш ја потенцира одговорноста што ја имаме како граѓани пред нашата татковина, нашата земја и пред идните генерации.
-Ќе ја искористам приликата да зборувам со г. Мицкоски за ваквите изјави. Не е суштината на казната од 200 или 300 евра, таа е голема, не е мала, но се надевам дека нема да ја има заради тоа што секој од нас граѓаните може да оддели не повеќе од 10 минути и конечно по 20 години да имаме попис во нашата земја, рече Заев.
Тоа, како што рече е многу важно, за Делчево, за источниот дел на државата, за централниот, за западниот дел, за цела наша земја. Заев верува дека пораката што ја испрати синоќа Мицкоски дека ако се вакцинираат попишувачите, а тие се секако планирани во првата категорија на граѓани за вакцинирање, ВМРО-ДПМНЕ јавно ќе дадат поддршка за пописот.
-Тогаш ќе бидеме навистина сите политички субјекти пропописот, освен Левица која што исто така ја користам приликата да ги повикам двајцата пратеници во Парламентот, а секако и нивните структури во партијата да се приклучат и тие на оваа многу важна статистичка операција во нашата земја. Така што, ако онака како што е планирано во недела да стигнат вакцините ние можеме пред први да ги вакцинираме попишувачите. Очекувам секако Здравствената комисија тоа да го каже, заради тоа што така беше и разговарано, а тоа ќе биде важен момент и опозицијата да даде поддршка. Но, да не прејудицираме во понеделник ќе имаме состаноци па ќе се обидеме да најдеме решение, рече премиерот.