Ја испраќаме годината запаметена по светска пандемија која целосно ни го измени начинот на живеење, а со тоа и светогледот. Ќе ја паметиме како година на најголемата светска криза во новиот век. Старата поговорка вели „на мака се познаваат јунаците“ – така и оваа мака ни покажа многу јунаци на првата борбена линија, ама ни покажа и солидарност, човечност и нѐ потсети колку е важно да помагаме, наведува премиерот Зоран Заев во новогодишното обраќање до граѓаните.
– И на здравствен и на економски план, Владата одговори со навремени и сеопфатни мерки –обезбедивме сигурност за секој граѓанин поединечно, како и за општеството во целост. Во креирањето на мерките не се водевме од принципот или-или, туку И здравје, И социјална сигурност. Обезбедивме егзистенција за голем број граѓани, се зачуваа работните места и се одржува кондицијата на економијата.
Сите заедно се осигуравме дека имаме стабилен здравствен систем кој функционира без застој. Огромна е пожртвуваноста на здравствените работници, кои и во текот на овие празници се на работните места, во болниците и се борат за секој живот.
Менаџирањето на кризата ќе беше невозможно и без ангажманот на припадниците на Армијата, на полицијата, на медиумските работници и на другите на првата линија.
На сите нив, им оддаваме почит и признание!
Во исто време, изразувам сочувство за секој изгубен живот, а заедништвото во оваа борба нека им ја даде сета сила на семејствата кои претрпеа загуби, за да си го најдат мирот.
Идната, 2021 година, ќе биде година на вакцинацијата и на излез од коронавирус пандемијата. Вакцините се можност да заштитиме животи и повторно да си го вратиме вообичаениот начин на живот. Можност да ја надминеме оваа здравствена криза.
Сепак, на нашиот пат до здравје и сигурност, водиме битка и со една од најопасните појави на новото време – феноменот на дезинформациите или фаличните вести. Целта на оние што ги создаваат е да предизвикаат недоверба кај граѓаните и да ги обезвреднат силните напори на институциите и лекарите во борбата со пандемијата. Затоа, ги повикувам сите граѓани и демократски сили во земјата, да ја насочиме целата светлина врз вистината, за лагата да потоне во мракот и заборавот.
На патот до безбедност и сигурност, во 2020 година се оствари нашиот стратешки сон и се придруживме на големото наше семејство. С. Македонија е членка на најмоќниот воено-политички и безбедносен сојуз – НАТО.
Сега погледот е кон Европската Унија. Нашето членство во нашата матична Унија нема друга алтернатива. Ништо нема да нѐ запре да чекориме напред, затоа што како Македонци имаме што да кажеме на нашиот македонски јазик, рамноправни со останатите европски народи. На тој пат продолжуваме да градиме пријателство и меѓусебна доверба со сите наши соседи. На тој пат сме рамо до рамо сите ние – Македонците, Албанците, Турците, Ромите, Србите, Власите, Бошњаците и сите кои живеат во С. Македонија.
Народе мој,
За годината пред нас поставивме десет приоритети од нашата „Акција 21”: Правда и ред, борба со корупцијата и криминалот, квалитетно здравство, повисок животен стандард, стабилни услови за бизнис и високо платени работни места, достоинствена социјална помош, здрава животна средина.
Европа дома! Европски стандарди дома! Сите во акција!
Посакувам новата 2021 година да ни донесе надеж и извесност. Секој од нас да го направи најдоброто за подобра живеачка тука.
Да почнеме со тоа што ќе празнуваме одговорно. Новогодишните и Божиќните празници да ни минат во кругот на блиските за чие здравје и безбедност секојдневно се бориме. Да покажеме одговорност и да ги почитуваме препораките.
Од длабочината на моето срце ви посакувам среќна и успешна Нова 2021 Година.
Останете во добро здравје! Имајте среќни празнични денови меѓу своите сакани! Среќна Нова Година!, порачува премиерот Зоран Заев во новогодишното обраќање до граѓаните на РС Македонија.