Поздравен е силниот напредок на Македонија во исполнувањето на реформската агенда, а добиено е и охрабрување пред јуни оваа година државата да ги спроведе преостанатите мерки за комплетирање на реформите предвидени со заклучоците на Европскиот совет од јуни 2018-та година.
Ова е констатирано на денешната средба во Брисел на премиерот Зоран Заев со потпретседателката на Европската Комисија и висока претставничка на Европската Унија за надворешна политика и безбедност, Федерика Могерини.
Како што соопшти владионата прес-служба, на средбата на која присуствуваа и вицепремиерот задолжен за европски прашања Бујар Османи, вицепремиерката и министерка за одбрана Радмила Шекеринска и министерот за надворешни работи Никола Димитров, премиерот Заев ја изразил својата лична благодарност за одржувањето на Советот за Стабилизација и Асоцијација во вака значаен период за Македонија. Биле повторени честитките за постигнувањата со Договорот од Преспа, неговата целосна имплементација и придобивките коишто, како што се посочува, се веќе видливи за сите, а станало збор и за претстојните претседателски избори.
-Учесниците на денешната средба во Брисел се согласија дека успешното спроведување на фер, демократски и слободни претседателски избори е клучно и приоритетно за Владата. На средбата, исто така, беше истакнато дека сите очекуваат конструктивен пристап и учество на опозицијата во изборите, како и во реформските процеси, се наведува во соопштението.
На средбата на владината делегација предводена од премиерот Заев со високата претставничка на Европската Унија, беше заклучено дека Македонија има големи причини да се надева на позитивни сигнали од сите европски институции во наредниот период, стои во соопштението.
Премиерот Заев во Брисел ја предводи македонската делегација на состанокот на Советот за стабилизација и асоцијација, со кој ќе претседава токму тој, при што ќе ги презентира достигнувањата на земјава во процесот на реформите, што се спроведуваат на патот кон отпочнување преговори со ЕУ. Петнаесеттиот Совет за стабилизација и асоцијација меѓу Македонија и ЕУ, со кој ќе копретседава високата претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност Могерини, се смета за прв прелиминарен тест на динамиката на реформската агенда, која е концетрирана во трите столбови – безбедносно -разузнавачкиот систем, јавната администрација и правосудството.