Претседателот на Претставничкиот дом на Чешкиот парламент, Радек Вондрачек, на денешната средба со премиерот Зоран Заев во Прага, изрази поддршка за членството на Република Македонија во НАТО.

Вондрачек потенцираше дека ова ќе биде голем исчекор за евроатлантските аспирации на нашата држава.

Премиерот Заев, како што соопшти владината прес-служба, изрази уверување дека одлуката за почеток на пристапните преговори во октомври ќе има позитивно влијание во целиот регион на Западен Балкан. Воедно се заблагодари на чешкиот Парламент, Владата и граѓаните за поддршката на Македонија во евроинтеграцискиот процес.

-Би сакал да изразам задоволство и радост што сум денеска тука токму кога чешкиот Парламент ќе го ратификува Протоколот за пристапување во НАТО за С. Македонија. Длабоко сум благодарен на чешкиот Парламент, Владата и граѓаните за оваа поддршка и очекувам нашето членство во НАТО да стане ефективно наскоро. Верувам дека одлуката за почеток на пристапните преговори во октомври оваа година ќе има позитивно влијание во целиот регион на Западен Балкан. Таквата одлука ќе даде порака дека Западен Балкан е составен дел на Европа, која што ќе го препознае генералниот напредок во реформите, инвестициите како и во решавањето на чувствителни прашања во нашата земја, истакна Заев.

Стабилниот и просперитетен регион на Западен Балкан, додаде, е во интерес на ЕУ, особено во однос на геополитиката, економијата и безбедноста.

Заев се сретна со Вондрачек во рамки на еднодневната посета во Прага, Чешка Република по повод ратификацијата на Протоколот за пристапување на Македонија во НАТО.

Чешката Република е 22 држава-членка на НАТО којашто го ратификуваше Протоколот за пристапување во НАТО.