Пописот е насушна потреба и верувам дека ќе биде спроведен од 1 до 21 април како што е замислен. Сега постои Закон за попис, го спроведуваат институциите и е задолжителен и има казни ако не се почитува, порача денеска премиерот Зоран Заев.
Тој оваа изјава ја даде од зградата што ја изгради власта на поранешниот премиер Никола Груевски во рамките на проектот „Скопје 2014“, а во која се всели првиот вицепремиер Артан Груби и неговото министерство.
– Пописот треба да се спроведе затоа што е обврска и заради тоа што сме единствена држава во Европа која нема направено попис, заедно со Сомалија и не знам кои други држави. Срамота е после 18 години уште да правиме експеримент дали треба да има попис во државата или не. Пописот не е за да се попишат политичките партии или политичарите во државата, туку е заради граѓаните. Опозицијата вели кога ќе дојдеме на власт ќе направиме нов попис. Нема проблем, зашто државата во 2031 година пак ќе прави попис и ќе видиме кој тогаш ќе биде власт, изјави Заев во одговор на прашање по увидот на вселувањето на Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците во новата зграда.
Тој нагласи дека ги слушаат барањата на опозицијата и се прават напори да ги земат предвид иако, како што потенцира, понекогаш не ја гледа рационалноста. Заев истакна дека со меѓународните партнери Владата бара донација за најмалку 5.000 апарати за отпечаток од прст, за да може да биде вградино и тоа барање на опозицијата, додавајќи дека не му е јасно како ќе се зема отпечаток од прстот од иселените граѓани или од децата под 18 години.
– Во РС Македонија е дозволена бипатридност, односно двојно државјанство и секој што е гражанин на државата е нејзин државјанин. Прашање е само дали живее тука или е иселен повеќе од една година. Тој што е иселен повеќе од една година се смета дека е нерезидент и се попишува како граѓанин на С. Македонија иселен повеќе од една година. Сите други што се во државата се сметаат за резиденти кои живеат во државата. Тоа е јасно решено за сите етнички заедници и ја прави беспотребна која било калкулација и нема никаква ретроактивност, бидејќи се попишуваат резиденти, нерезиденти и вкупно што е менлива величина, рече Заев.
Премиерот посочи дека годинава може 20 отсто од една етничка заедница во државава да бидат надвор од земјава, а до година плус 20 отсто од нив да бидат дома, бидејќи, како што рече, светот е глобално село.
Како што е познато, освен Министерството со кое раководи Груби, актуелната власт користи и повеќе други „споменици од режимот“: зградите на новиот Македонски народен театар, Уставниот суд, Основното јавно обвинителство, Министерството за надворешни работи итн.
Заев изврши увид на споменикот што му го остави Груевски
Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците денеска се вселува во новата владина зграда. Увид на вселувањето денеска изврши премиерот Зоран Заев кој изјави дека Владата втор мандат успешно продолжува да го надоградува концептот за едно и еднакво општество за сите.
– Нашето општество е изградено од граѓани со различни етнички, јазични, културни, религиозни или други особености кои се наше богатство и сите ние припадници на различните етнички заедници сме дел од нашиот мозаикот наречен С. Македонија и сите даваат личен и значаен придонес во развојот на нашето мултикултурно и мултиетничко општество, рече премиерот.
Доследно почитувајќи ги европските вредности, додаде тој, како Влада обезбедуваме заштита на сите прашања кои се однесуваат на политичкиот живот и односите меѓу заедниците, почитувајќи го спроведувањето на правото на употреба на јазиците и писмата на заедниците и гарантирањето на заштитата на етничкиот, културниот, јазичниот и верскиот идентитет на нашите заедници.
– Со таа цел денес се наоѓаме во новиот објект на владата на РСМ каде помеѓу другите институции ќе биде и Министерството за политички систем кое беше основано со единствена цел на најдобар начин да одговори на потребите на граѓаните, нагласи Заев.
Тој истакна дека со обезбедување на просторното решение се обезбедуваат услови за реализација на работите што се однесуваат на функционирање на политичкиот систем, реализацијата на стратешките приоритети поврзани со обврските кои произлегуваат од Рамковниот договр, како и обезбедување координација и усогласување на работата на органите на државната управа за спроведување на овој договор.
– Реализирајќи ја стратешк
ата програма и рамка, јакнејќи ги институциите, Владата продолжува посветено да работи на општество кое не прави разлика меѓу немнозинските и мнозинските граѓани, општество на еднаквост. Европските принципи и вредности се клучни на нашиот пат на кој веќе се наоѓаме и кои значат обединување и почитување на индивидуалните и колективните идентитети, грижа за различностите и ранливите граѓани, почитиување на мултикултурноста и интеркултурниот дијалог, порача Заев.
Сега повеќе од било кога, истакна, треба да работиме сплотено, заедно, за да ја напоравиме земјата подобро место за живеење.
– Сега со уште повеќе верба, посветеност и единство да се посветиме на градењето европски стандарди дома. Тие стандарди значат одговорност и отчетност пред граѓаните во борбата за едно општество за сите, значат бескомпромисна борба со корупцијата и криминалот за да се обезбеди достоинствна живеачка тука во нашата татковина, заклучи Заев.
Одговарајќи на новинарско прашање тој информира дека новите простории на Министерството се откупени од Акционерското друштво за станбен и деловен простор или ПУИГ.
– Новиот простор благодарение на можноста самата Влада, министрите под раководство на првиот потпретседател на Владата, од голем дел на заштедените средства уплати 620 милиони денари или 10 милиони евра на Акционерското друштво за станбен и деловен простор за да ја откупи зградата која го врати кредитот. Државата си врати кредит со овие пари, притоа доби едно ново Министерство, рече Заев.