НАТО значи вечен мир и никогаш повеќе војни, порача вечерва лидерот на СДСМ и премиер Зоран Заев во Кичево, повикувајќи ги кичевчани да гласаат за смена на името на Република Македонија во Северна, т.е. како што затскриено порача Заев „за европска Македонија“.
Тој во Кичево беше пречекан со транспарент „Никогаш Северна, секогаш Македонија“ и со расфрлани чоколатца во облик и лик на 1 евро.
– Местото на Македонија е во ЕУ и во НАТО. НАТО значи безбедност, мир и стабилност. НАТО значи вечен мир и никогаш повеќе војни. Членот 5 од Договорот со НАТО вели дека ако е нападната една земја членка тоа значи дека е нападнато НАТО и сите земји членки. Со влезот во НАТО конечно ќе ја осигураме Македонија, рече Заев.
Тој потсети на референдумот во 1991 година кога Македонија стана независна на што, како што рече, сите сме горди.
– Оваа генерација исто така има историска улога. Ако во 1991 година добивме независна земја, сега треба да ја осигураме и да ја обезбедиме и конечно по 27 години да тргне напред, истакна Заев.
Тој рече дека дилема за референдумот нема и оти НАТО и ЕУ се единствена алтернатива.
Зборувајќи за капитулантскиот договор од Преспа, посочи дека со него добивме држава, која ќе смени име, што никој повеќе не ја спори, со македонски идентитет потврден од сите и македонски јазик, потврден од сите во светот.
– Европскиот парламент ќе го користи македонскиот јазик како 26. официјален јазик, 156 илјади страници европско законодавство ќе бидат преведени и на македонски јазик. Вчера во Европскиот парламент, на што сум посебно горд, зборував на македонски јазик, посочи Заев, како досега никој друг да не зборувал на македонски јазик.
А за волја на вистината македонски јазик одамна се говорел и во Обединетите нации и во други институции во Европа и во светот.
Заев апелираше до сите граѓани да излезат на 30 септември и да гласаат, пак, „за европска Македонија“, а Северна не се спомнува воопшто.
Претходно, Заев одржа трибина и во Демир Хисар каде порача дека „верува до небото во нашиот народ“.