При набавката на софтверот за сообраќај не е прекршена ниту една процедура за јавни набавки, не е констатиран никаков конфликт на интереси. Владата работи по највисоки професионални стандарди, транспарентно, етички, законски, комплетно за сите постапки така и за ова.

Ова денеска го изјави премиерот Зоран Заев во одговор на прашање од пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Вељановски, дали ќе се побара одговорност за оваа јавна набавка за која се споменува владиниот функционер Драги Рашковски.

Рече дека Јавното обвинителство и ДКСК се обратиле до Владата и оти службите имаат наредба да постапат со сите информации и процедури за целата оваа набавка за софтверот, оценувајќи дека отчетноста и транспарентноста е целосно дел од работењето на Владата.

-Притоа должен сум да информирам дека софтверот за сообраќај е набавен низ регуларна јавна набавка. Авторските права се во целосна сопственост на Владата и за тестирањето е известено Бирото за јавна безбедност. Генералниот секретар, согласно закон и согласно деловник, има право да прави анализи и да ги доставува до Министерството за одредени дејности, надлежности на Владата, истакна Заев.

Повтори дека софтверот е изработен од ФИНКИ и Друштвото „Инвока“ ДООЕЛ Скопје е целосно оспособен, тестиран, предаден со изворен код кој е наменет за следење на сите прекршоци.

-Создаден е за различни камери, не фаворизира ниту еден хардвер и може да регистрира широк спектар на разни сообраќајни прекршоци. Претставува автоматизиран систем што го елиминира човечкиот фактор при одлука за санкционирање на сообраќаен прекршок и со оваа функционалност значајно ќе го подобри регулирањето и почитувањето на сообраќајните правила, рече Заев.

Истакна дека е извршено тестирање на софтверот при што е констатирано целосно функционален и ефикасен и оти ќе биде ставен во функција кога за тоа ќе се извршат потребните синхронизации со базите на податоци од институциите, што треба да го надополнат неговото работење и потребните законски усогласувања.

Повика и да се соопштат јавно сите детали од истрагата на Јавното обвинителство и Државната корупција за спречување на корупцијата за оваа јавна набавка.

Во однос на постапката „Леонардо“, Заев истакна дека е завршена со целосна истрага во која е утврдено дека јавната набавка на радарскиот систем и сите претходни постапки се завршени исто така за време на власта на ВМРО-ДПМНЕ, кога директор, како што рече Заев, бил таткото на поранешниот министер за надворешни работи Никола Попоски.

-Целокупните постапки се завршени. Тогашниот генералниот секретар на Владата Драги Рашковски тогаш имаше задача да ги спроведе потпишаните договори и да се реализираат јавните набавки. Целата истрага е заврена и процесот е завршен, комплетно и аргументирано. Како што и денес има отворено истрага за набавка на софтвер од страна на ЈО и Државната комисија за спречување на корупцијата, која за време на ВМРО-ДПМНЕ беше мисловна именка да отвора постапки, и секоја постапка што е отворена на крајот транспарентно ги објавува своите резултати врз основа на анализи, докази…, рече Заев.

Во однос на прашањето дека компанијата „Јелак градба“ на црногорскиот бизнисмен Миодраг Давидовиќ Дака која го откупила имотот и добила решение за приватизација на градежно земјиште на влезот на Тетово, Заев повтори дека целата постапка е транспарента и единствените пари, како што истакна, што се споменуваат се пари дадени за време на ВМРО-ДПМНЕ.

-Не се знаат детали дали се дадени постапки за урбанизации, за купување на земјиште и сл. Но годината кога се дадени парите е период кога ВМРО-ДПМНЕ е на власт. Тука нема никакви дилеми, рече Заев.

Потсети дека предметот „Шик Јелак“ во Тетово е предмет што опстојува во државата 2011-2012 година. Дака е сопственик на мнозински дел од акциите на „Шик Јелак“ уште од 2012-2013. Води постапка за докупување на останатиот дел од државата започната 2015-2016 година. Државата го објавува по пат на јавна објава нејзиниот дел и тој станува сопственик и на тој дел. Целта на тој план заради идно ширење на Тетово надвор од густото урбано јадро во градот е дел од политиките на градот Тетово се со конечна цел, разлабавување на притисокот што се правеше во централното јадро и растење на Тетово во перифериите, рече Заев. н