Форензичките извештаи и анализите на вештачењето за пожарот во модуларната болница во Тетово се при крај, изјави денеска премиерот Зоран Заев, кој очекува тие да бидат објавени час поскоро.
– Колку е поскоро, толку подобро, за да ги решиме сите дилеми. Животот продолжува, политичарите се во кампања, се случуваат секојдневни активности. Ред е да се објави тој извештај за да можам и јас да го кажам својот став по повод понудените оставки од министерот, заменик-министерот…., рече Заев, одговарајќи на новинарско прашање по промоцијата на новите деловни простории на „Пивара“ Скопје.
Пожарот во модуларната болница во Тетово избувна на 8 септември и во него загинаа 14 лица, а 12 беа повредени. По пожарот, оставки понудија министерот за здравство, неговиот заменик и двајцата директори на Тетовската болница. Во истрагата, покрај домашните истражни органи, се вклучија и германски експерти.