Прилеп е градот на востанието, на непокорот, во Прилеп пукнала првата пушка, тука се јавуваат првите наши јунаци. Ние тоа ќе го славиме бидејќи тоа е нашето македонско историско минато на кое сме горди. Македонија никако не била администрирана, била окупирана. Фашизмот не смее етнички да го поврзуваме и треба да направиме чекори на разбирање, на внимателност спрема соседите, изјави премиерот Зоран Заев денеска во Прилеп каде што присуствуваше на отворањето на реконструираниот булевар „Гоце Делчев“ во центарот на градот.

Одговарајќи на новинарско прашање да појасни на кои теми се разговорите со Бугарија, иако историските прашања остануваат спорни, а прилепчани се чувствителни на Втората светска војна, Заав рече дека мора да зборуваме со европски зборови ако сакаме во ЕУ и низ зборовите за пријателство.

– Мора да зборовуме со внимателност спрема соседите, спрема другите во Европа и во светот. Факт е дека тогашната администрација во Бугарија донела одлука да се приклучи на фашизмот. Македонија никако не била администрирана, била окупирана. Тоа го знаат, тоа е во нашата, во балканската, во европската и во светската историја. Тоа не го прави бугарскиот народ фашистички. Царот донел одлука да продолжи во пактот во кој и претходно бил, но никој не ги прашал граѓаните на Бугарија на референдум дали сакаат да бидат со фашистите, или на страната на антифашистите. Драго ми е што во 1944 година со „Отечествениот фронт се приклучувата во антифашистичката борба. Прилеп е градот на востанието, на непокорот, во Прилеп пукнала првата пушка, тука се јавуваат првите наши јунаци. Ние тоа ќе го славиме бидејќи тоа е нашето македонско историско минато на кое сме горди. Преку него сме граделе и градиме генерации, верувајќи во нашата историја и охрабрувајќи се да ги влечат европските чекори, охрабрувајќи се за европеизација на нашата земја. Во тоа светло дилеми нема. Не смееме фашизмот етнички да го обележиме или да го наметнеме на цела нација, изјави Заев.

И во тој дух, посочи, се разговара за расчистување на прашањето „за долгото и краткото име на државата, РС Македонија и С. Македонија дека се едно и исто, а тоа е политичкиот субјект на државата РС Македонија, дека немаме територијални претензии, дека немаме намера, ниту според Уставот имаме право да се мешаме во внатрешните работи на Бугарија или на која било од соседните земји, вклучително и малцинските права, зашто тоа се решава на меѓународно ниво. Истовремено, земаме обврска да го спречиме говорот на омразата, зашто тоа не води никаде, да градиме пријателство и да зборуваме со пријателски зборови“, изјави Заев.

Во тој дух, рече Заев треба да направиме чекори меѓу кои се и таблите на спомениците.

– Во државата постојат табли на кои стои: бугарска фашистичка рака, бугарски фашистички куршум, бугарски фашистички окупатор, а треба да остане: фашистички окупатор, фашистичка рака, фашистички куршум, зашто фрламе цело петно на бугарскиот народ што воопшто не е исправно. Тоа е така решено помеѓу Германија и Полска, помеѓу Германија и Франција, помеѓу нордиските земји, градејќи го духот на ЕУ. Остануваме европејци и остануваме да држиме европски лекции овде, почитувајќи си ги нашата историја, градејќи ја сегашноста за да ја отвориме иднината, рече Заев во Прилеп.