И покрај критиките што ги добивам, јас сум подготвен од сите спомен-плочи од Втората светска војна на кои пишува „бугарски фашистички окупатори“ да се избрише “бугарски“ и да остане само „фашистички окупатори“, изјави премиерот Зоран Заев при денешната посета наБитола.

– Тоа е во духот на пријателството и треба да го решиме како Полска и Германија што го решиле тоа, Франција и Германија или нордиските земји со Германија. Зборуваат за фашизмот како појава за да не се појави, но гледаат низ призма на пријателство. Тоа е европската иднина, тоа се европските зборови, изјави Заев.

Тој додаде дека секојдневно власта во земјава дејствува за скратување на говорот на омраза кон пријателска Бугарија кон која „немаме територијални претензии и нема да ја нападнеме, таман работа, и пренесовме доверба нивната авионска ескадрила да го чува македонското небо“.

– Верувам дека треба да продолжиме со Бугарија да правиме напори како што ме охрабрија неколку земји во ЕУ, зборувам како Зоран Заев предводник во македонското општество со сето тоа што го направив во изминатиот период, одржувајќи европски лекции овде во душата и срцето на Балканскиот Полуостров. Среќен сум што сѐ уште останало европско во ЕУ преку овие чекори што се преземаат во последните денови. За нас ЕУ е светост, рече Заев.

Тој денеска присуствуваше на промоцијата на 6 еколошки автобуси во РЕК за транспорт на вработените, за кои се платени 1,4 милиони евра.

Претходно Заев го посети и Офицерски дом, а во Битола денеска беше пречекан со повеќе пароли, меѓу кои и една на која пишува: „Предавник“!