Заедно сме и во добро и во лошо, ние сме први соседи, за мене братски народи и секојпат треба да се најдеме и помагаме. Оваа трагедија позитивно ќе се одрази на односите меѓу двете земји, затоа што си помагаме, институциите работат заедно. Ова е пораката на народите од двете страни – тука сме да си помогнеме кога е тешко и да ја споделиме радоста кога е добро, изјави денеска премиерот Зоран Заев, на заедничката прес-конференција со привремениот бугарски премиер Стефан Јанев.
На почетокот, Заев изрази сочувство за загубата на двете земји, посочувајќи дека Бугарија вчера поладнето загуби девет животи во пожар во старечкиот дом, а Македонија изгуби 46 животи, пред се млади луѓе во страшната автобуска несреќа. Посочи дека Владата на Северна Македонија ќе размисли и за прогласување денови на жалост за нејзините 46 жртви во автобуската несреќа, како и дека и владата на Бугарија размислува да прогласи ден на жалост поради двата трагични инцидента.
За несреќата, Заев рече дека бил информиран директно од Стефан Јанев, а разговарал и со претседателот Румен Радев, по што заедно со министрите Бујар Османи и Венко Филипче веднаш заминале за Софија.
– Соработката е на високо ниво. Довербата во институциите едни со други е голема и така најдобро ќе им служиме на граѓаните кога ќе ги дадеме сите неопходни информации за несреќата и како се случила. За причините не би коментирал, затоа што треба експертите да ги кажат сите детали, зашто само така е исправно, изјави Заев.
Тој, исто така, нагласи дека ги посетил седумтемина наши сограѓани во болницата во Софија, посочувајќи дека сите се во добра состојба.
Бугарскиот премиер Стефан Јанев, посочи дека трагедиите се вообичаени и трагедиите се она што нè допира и прави луѓе и сочувствителни – без разлика од која националност се луѓето кои повеќе не се со нас.
-Денес е посебен ден, ден кој бугарскиот народ го одбележа со две сериозни трагедии. Ден одбележан со две тешки трагедии – синоќешниот инцидент во село Ројак, каде загинаа девет бугарски државјани. Трагедијата се уште се истражува. Истражните органи мора да си ја завршат работата. Неколку часа подоцна, нова трагедија го одбележа денешниот ден, рече Јанев.
Во врска со автобуската несреќа, Јанев истакна дека бугарските и властите на Северна Македонија работат во координација, нагласувајќи дека „од истрагата се надеваме дека ќе ги научиме овие лекции кои ќе не штитат од вакви инциденти во иднина“.
Заев – Радев: Македонија и Бугарија заедно тагуваат за жртвите од автобуската несреќа
Македонија и Бугарија се заедно во тагата за жртвите од тешката сообраќајна несреќа на автопатот „Струма“ во Бугарија, во која животот го загубија најмалку 45 македонски државјани, порачаа премиерот Зоран Заев и бугарскиот претседател Румен Радев од нивната денешна средба во Софија.
Бугарија презеде навремени активности за расветлување на причините за автобуската несреќа, за идентификување на загинатите, за давање помош и лекување на настраданите, и очекува поддршка од македонските институции, на кои е подготвена да им ги обезбеди сите информации за случајот, се наведува во соопштението на кабинетот на Радев по средбата.
Како што јави БГНЕС, на средбата Радев му изразил сочувство на Заев за жртвите во автобуската несреќа, а македонскиот премиер му изразил сочувство на шефот на бугарската држава за деветтемина жртви од вчерашниот пожар во дом за стари лица во селото Ројак.